Реактор и ХЕРА: Проект за воспоставување советувалишни центри за превенција на насилство кај мажи и за работа со сторители на насилство

Со заедничкиот состанок меѓу Реактор – истражување во акција, ХЕРА – Aсоцијација за здравствена едукација и истражување и претставници на институциите, кој се одржа вчера (14 октомври 2021 година), се одбележа отпочнувањето на проектот „Воспоставување на мулти-професионална превенција на родово засновано насилство, работа со сторители преку пристап фокусиран на безбедноста на жртвите и советување на мажите во Република Северна Македонија“ што во следната година ќе го спроведуваат Реактор и ХЕРА.

Преку овој проект ќе се спроведе детална анализа на состојбите и потребите од центри за советување на мажи во Република Северна Македонија, со фокус на родово заснованото насилство (Реактор) и ќе се воспостават центри за советување на мажи во соработка со релевантните институции (ХЕРА). Ова се клучните предвидени активности кои им беа претставени на четириесетина претставници на граѓански организации. Присутни беа и претставници на релевантни институции од земјата, вклучително и Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство и Министерството за образование и наука, кои ги споделија своите заложби за натамошното подобрување на состојбите со родово базираното насилство и го поддржаа проектот кој ќе трае до ноември 2022 година.

„Главната цел на истражувањето е преку мапирање на потребите и консултација со поширок круг на претставници на национални институции и релевантни чинители, како и анализа на состојбите преку постојни извештаи и објавени бази на податоци, да се оформат препораки кои ќе овозможат да се воспостави ефективна примарна превенција на родово базирано насилство, мулти-професионална поддршка и работа со сторителите преку пристап кој е фокусиран на безбедноста на жртвите, како и да се формираат центри за сеопфатна поддршка и советување на мажите за превенција на родово-базирано насилство, охрабрување на родова еднаквост и вклучување на мажите во доменот на грижа (родителство, партнерство итн.)“, изјавија од Реактор.

„Со овој проект ќе го помогнеме спроведувањето на акцискиот план на Истанбулската конвенција така што ќе го подобриме пристапот до услуги за превенција и заштита од родово засновано насилство. Проектот предвидува и изработка на финансиска анализа за воспоставување на советувалишни центри за превенција на насилството кај мажи и за работа со сторители на насилство. Воедно, ќе биде формирана и експертска група и ќе бидат изготвени тренинг-програми кои ќе го овозможат воспоставувањето на овие центри, инаку први од ваков вид на ниво на држава“, изјавија од ХЕРА.

Статистиката покажува дека мажите се сторители во над 90 % од случаите на семејно и родово засновано насилство, што се потврди и во услови на пандемија. И покрај ова, во нашата држава не постојат советувалишни центри за мажи кои работат на превенција на насилство, a постои само еден сервис кој спроведува специјализирана програма за третман на сторители на насилство. Стручната работа со мажите е клучна за да се сопре повторувањето на насилството со членови на семејството и со нивните моментални и идни партнери заради што е неопходно да се воспостават и прошират ваквите советувалишта низ целата држава.

 

Овој настан е дел од проектот „Воспоставување на мулти-професионална превенција на родово засновано насилство, работа со сторители преку пристап фокусиран на безбедноста на жртвата и советување на мажите во Северна Македонија“ поддржан од Verein für Männer- und Geschlechterthemen Steiermark (Здружение за машки и родови прашања Стирија) (Грац, Австрија) со финансиска поддршка од aвстриското Сојузно министерство за социјални прашања, здравство, грижа и заштита на потрошувачите.

Source HERA