Во пресрет на Меѓународниот ден за семејна еднаквост, Здружението Виножито на прес-конференција презентираше одлука на Управниот суд во Загреб, според која животните партнери можат да пристапат кон проценката да станат посвоители.
Пред скоро пет години, во мај 2016 година, членовите здружението Виножито и животните партнери Младен Кочиќ и Иво Шегота ја изразија својата намера да посвојат и побараа мислење за соодветноста и погодноста на посвојувањето.
Набргу по пријавувањето за да се процени дали можат да станат посвоители, тие беа одбиени од релевантното Министерство (тогаш Министерството за демографија, семејство, млади и социјална политика) – едноставно затоа што склучиле животно партнерство.
Меѓутоа, сега, Управниот суд во Загреб донесе одлука дека Кошиќ и Шегота да не бидат дискриминирани во постапката за проценка за посвојување поради тоа што склучиле животно партнерство.
„Сè уште ни е тешко да поверуваме дека го доживеавме ова расплетување на ситуацијата; очекувавме долга правна одисеја и патување до Европскиот суд за човекови права. Сепак, Управниот суд во Загреб постапи правилно, почитувајќи го Уставот на Република Хрватска, меѓународните конвенции и нашите закони и донесе пресуда во корист на нашите членови Младен Кочиќ и Иво Шегота. Ние сме многу среќни поради оваа пресуда, не само заради Младен и Иво, туку и заради сите други парови кои размислуваат за посвојување и кои сакаат да го прошират своето семејство на тој начин, “ рече претседателот на Здружението Виножито Даниел Мартиновиќ до медиумите.
Оваа историска пресуда ги отвора вратите за сите хомосексуални и лезбејски парови во Хрватска кои сакаат да станат посвоители и потврдува дека животните партнери мора да ги имаат истите права како и сопружниците во сите постапки.
Превод од хрватски јазик: Рушка Бабиќ