Црна Гора тужена поради дискриминација кон истополовите парови

Црногорска невладина организација покрена тужба против државата за дискриминација кон истополовите парови кои се венчале во странство, но не можат да ги регистрираат своите партнерства дома.

Невладината организација од Подгорица, ЛГБТ Форум Прогрес покрена правна постапка против државата Црна Гора пред локалниот суд во средата за наводна дискриминација на истополовите парови кои се венчале во странство.

Извршниот директор на ЛГБТ Форум Прогрес, Џон Барак, изјави дека Црна Гора не успеала да направи законски измени за да им дозволи на Црногорците кои се во истополови партнерства да ги регистрираат своите бракови во нивната матична земја.

„Црногорските граѓани кои се венчале во странство не можат да го регистрираат своето партнерство во Црна Гора, дури и покрај тоа што се работи за нивно право според законот што беше усвоен пред две години“, изјави Бараќ во соопштението за јавноста. 

„Државните институции, намерно или не, не успеаја да го усогласат законодавството неопходно за спроведување на Законот за истополови партнерства“, додаде тој. Во јули 2020 година, парламентот во Црна Гора гласаше за легализирање на истополовите граѓански партнерства со многу тесно мнозинство.

Промената ја поддржаа пратениците од тогашната владејачка Демократска партија на социјалистите, ДПС, Социјалдемократите, Либералната партија и опозициската Социјалдемократска партија. Само 42 пратеници во 81-члениот дом го поддржаа законот.

Според законот, владата имаше рок до јули минатата година да ја усогласи законодавната рамка на земјата со новиот закон според кој истополовите парови можат да стапат во правна заедница во нивната локална матична служба. Законот дозволува и регулирање на меѓусебната финансиска поддршка и поделба на заедничкиот имот во случај на развод. На лицата во истополово граѓанско партнерство им дава право на социјално осигурување и здравствена заштита врз основа на нивниот партнер, но не обезбедува право на посвојување или згрижување деца.

На 26 јули 2021 година, првиот истополов брак беше регистриран во Будва, што беше пофалено од меѓународната заедница и од црногорската политичка сцена, која вети дека законодавната рамка ќе биде усогласена за да се земе предвид новиот закон. Ова сепак не се случи. Хомосексуалноста останува чувствително прашање во Црна Гора, социјално конзервативна земја, како и на други места на Балканот.

Во 2018 година, Судот на правдата на Европската унија пресуди дека Романија мора да ги признае истополовите бракови склучени во странство, нагласувајќи дека треба да им дозволи исти права на геј паровите врз основа на законодавството на Европската унија за слобода на движење. Во декември 2021 година, највисокиот суд на Европската унија пресуди дека Бугарија мора да издаде документ за лична идентификација на дете на жена со бугарско државјанство и нејзината сопруга. и покрај тоа што истополовите бракови не се признати во земјата.

Судот констатираше дека граѓаните на ЕУ имаат „право да водат нормален семеен живот“, што значи дека сите земји-членки мора да ја почитуваат врската родител-дете воспоставена од страна на која било земја-членка, дури и ако не ги признаваат истополовите бракови во нивното домашно законодавство.

Source Balkan Insight Danas