10 години НМСМ: Деценија на заедничка акција, застапување и промени за младите
Националниот младински совет на Македонија – НМСМ, најголемото претставничко тело на младите во државата, прослави јубилејни 10 години постоење и успешно работење. По тој повод, организирана беше конференција насловена „10 години НМСМ: Деценија на заедничка акција, застапување и промени за младите“.
На првиот панел се дискутираше за развојот на младинското учество во процесите на креирање политики и носење одлуки. Опфатени беа првиот Закон за млади, креирањето на НМСМ како сопфатно претставничко тело на младите, процесот за креирање на Законот за младинско учество и младински политики, како и иднината на младинското учество во нашата држава.
Говорниците на вториот панел се фокусираа на младинските решенија за најголемите предизвици со коишто младите се соочуваат, како одливот на мозоци, младинската невработеност и претприемачките можности. Особено беше истакната потребата решенијата на тие проблеми да произлезат од самите млади.
Конференцијата ја отворија Филип Ивковски, в.д. Претседател на НМСМ и Мариана Ангелова, Генерален секретар на НМСМ, а свое обраќање остварија и Претседателот Стево Пендаровски, Амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, како и Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, кои ја изразија својата поддршка за работата на НМСМ.
Националниот младинскиот совет на Македонија – НМСМ e сојуз на здруженија во кој на доброволна основа членуваат здруженија и фондации од територијата на целата држава. На Основачкото Собрание, во 2013 година, делегатите од 55 организации го формираа НМСМ, како платформа каде младинските организации ќе можат да дебатираат на многу прашања, заеднички да истапат со став пред институциите и да се борат за поголемо младинско учество и права за младите.