Полски суд пресуди дека четири „ЛГБТ – слободни зони“ мора да бидат укинати
Врховниот суд во Полска во вторникот пресуди дека таканаречените „ЛГБТ – слободни зони“ мора да бидат укинати во четири општини, пресуда која активистите ја поздравија како победа на човековите права и демократијата.
Бројни локални власти во Полска донесоа резолуции во 2019 година со кои се изјаснија дека се ослободени од „ЛГБТ идеологијата“, дел од конфликтот во оваа претежно католичка земја меѓу либералите и верските конзервативци, кои ја гледаат борбата за правата на хомосексуалците како закана за традиционалните вредности.
„ЛГБТ – слободни зони“ се обидуваат да го забранат она што локалните власти го гледаат како промовирање на хомосексуалноста и другите сексуални идентитети на малцинствата, особено во училиштата.
Овие потези ја доведоа Полска до судир со Европската комисија, која зазема став дека зоните го прекршуваат правото на ЕУ за недискриминација врз основа на сексуална ориентација.
По правно оспорување од полскиот омбудсман за човекови права, пониските судови одлучија дека девет такви резолуции мора да бидат укинати.
Јавното обвинителство, ултраконзервативната тинк-тенк Ордо Јурис и инволвираните општини потоа поднесоа жалба против овие пресуди. Во првите четири случаи, жалбите беа отфрлени.
„Денешната одлука е голема победа за демократијата, човековите права и почитувањето на луѓето“, напишаа од Poland’s Campaign Against Homophobia во објава на социјалните мрежи.
Минатиот петок, од иницијативата Poland’s Campaign Against Homophobia соопштиja дека Европската комизија вовела клаузула во својот договор за партнерство со Полска со која ќе се оневозможи општините со „ЛГБТ – слободни зони“ да добиваат средства од буџетот на блокот за 2021-2027 година.
Извор од ЕУ за Ројтерс потврди дека општините кои ќе усвојат политики за кои блокот оцени дека се дискриминаторски нема да добијат средства за инфраструктурата, животната средина и некои други области.