Roma Lives Matter!

пишува: Дехран Муратов

„Ѓупска работа, возат пијани, а што да згазеа некое дете“, „Што си бараа тоа си најдоа“, „Еве ви дојде живот, сега нека ве тепаат“, „За кило салама ги гласавте, сега џигерот ќе ви го скинат од ќотек“, „Хитлер врати се“… ова се само дел од коментарите на социјалните мрежи по објавување на видеото во кое полициски службеници брутално тепаат Роми во Битола.

Дел од тие што коментираа(т) и го споделуваа(т) видеото со полициската бруталност се обидоа да ја насочат вината кон актуелната власт, дека тоа се случува само сега со Амин од државата. Оние што ги влечеле во минатото „циганите за уши“, денес им се ситат дека „им дојде живот на Ромите“ и дека самите си се виновни оти гласале за оваа власт. Но, да не се лажеме, полициска бруталност имало од секогаш!

Како за потсетување, никогаш не се расчисти целосно случајот со момчето Трајан Бекиров, Ром од Ѓорче Петров, во 2006 година. Тој случајот заврши со разрешница дека сам се фрлил во Вардар, бегајќи од полициските Алфи. Во 2014, за време на протестот на стечајците, полицајци брутално истепаа бездомници Роми во „Жена парк“ во Скопје. Пред месец дена полицајци истепаа бездомници под Железничка станица во Скопје за време на полициски час…

Но, за сите овие случаи имаше образложение дека полицијата реагирала коректно и не применила прекумерна сила.

Ме зачудува тоа што дел од граѓаните го одобруваат ќотекот на полицијата, оти нели „ќотекот од рајот доаѓа“! И дека само со ќотек ќе се опаметат граѓаните повеќе да не пијат и да возат пијани… Како тоа насилство се одобрува како превентивна мерка? Како!? Насилство во ниту еден случај не смее да се одобрува, особено не полициско насилство!

Освен политичкото препукување и обид за оцрнување на работата на актуелната власт, преку овој случај, и национализмот излезе на површина. Во коментарите на социјалните мрежи има доста говор на омраза кон Ромите, а дел од ромската заедница како реакција на тие коментари одговараат исто така со говор на омраза.

Ромските политички претставници, исто како во минатото, и денес никаде ги нема да го осудат насилството и да бараат одговорност. Ок, ќе почекаме, можеби ќе кажат нешто до следните избори…

Полицијата е должна да спречи насилство, а не да продуцира и да е дел од насилството. Случајот со полициската бруталност во Битола мора да има разрешница и да има казни за сторителите, за да не се повтори истото дело.

Стоп за полициската бруталност!

Roma Lives Matter!

 

 

Source CivilMK