Претходните денови во Србија беа одбележани со протести низ целата држава поради аерозагадувањето, измените на законите и заканите кои следуваат за животната средина. Минатата сабота, во времетраење од еден час беа блокирани неколку важни патишта, а за претстојниот викенд се најавени нови блокади.
Марко Ољача, еден од организаторите на протестот, за „Фонет“ изјави дека блокадите ќе се организираат во сабота, на 4 декември во 14 часот „во најмалку 30 градови“, и најави дека конечниот список ќе биде утврден во петок или сабота наутро.
Изминатиот викенд во организација на повеќе еколошки и граѓански движења, граѓаните блокираа одредени патишта во Србија, а во некои градови блокадите беа проследени со инциденти.
Најмногу инциденти и најтешки имаше во Шабац, но имаше тепачки меѓу демонстрантите и полицијата, како и демонстрантите и поддржувачите на владејачката Српска напредна партија (СНС) во Белград и Нови Сад.
Во Нови Сад и некои други градови, некои демонстранти беа приведени во полиција.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во средата, на 1 декември, изјави дека „улицата нема да води политика“, но и дека полицијата „нема да спречи демонстрации доколку не се загрози нечиј живот, имот или институции“.
Тој рече и дека веднаш потпишал еден од двата закони поради кои се организирани протестите – Законот за референдум, а другиот – Законот за експропријација – се уште не, бидејќи ги чека мислењата на правните експерти.
„Мој совет до полицијата е да се оттргне, да ги пушти демонстрантите и да и покаже на цела Србија до кога може да трае ова малтретирање и ги молам граѓаните да се воздржат од реакција, да не ги напаѓаат тие луѓе и да ги остават да се изживуваат со нас неколку часа“, изјави Вучиќ.