Тинејџерка од Полска креираше “webshop” за пријавување на семејно насилство

Вознемирена од извештаите за зголемено семејно насилство од самиот почеток на рестрикциите поради коронавирусот, средношколката Кристина Паско од Полска реши да започне лажна онлајн продавница за да им понуди спас на жртвите заробени во нивните домови.

Нејзината идеја доби награда од Европската унија, во износ од 10.000 евра.

„Прво, слушнав за зголемувањето на случаите на семејно насилство за време на пандемијата. Потоа, слушнав за една француска иницијатива – луѓето одат во аптека и бараат специјална маска што му дава на фармацевтот до знаење дека се жртва на семејно насилство“, Објасни Кристина Паско.

„Мислев дека тоа е брилијантна идеја, па дојдов до идеја да продавам козметика.“

Во април, Кристина која во тоа време имала 17 години, одлучи да ја лансира лажната онлајн продавница „Rumianki i bratki“ на која наводно се продава козметика. Идејата е дека жртвата може да сокрие дека бара помош од нејзиниот злоставувач со тоа што изгледа како да купува козметика онлајн.

Кога жртвата ќе побара да купи крем, психолог одговара наместо продавач и прашува колку долго траат „проблемите со кожата“ или како реагира кожата на алкохол и слични супстанци во производите. Ако некој направи нарачка и остави адреса, тоа е всушност код со кој се бара властите да го посетат нивниот дом.

Откако Кристина отворено напиша за својот план на својата Фејсбук страница, таа беше преплавена со прашања.

“Мислев дека тоа ќе биде само за моите пријатели или пак познаници на моите пријатели. Мислев дека ќе помогнам можеби на едно или две лица, но споделувањето на Фејсбук беше големо и иницијативата стана навистина популарна”, рече таа.

Со толку голем интерес, Кристина контактираше со Центарот за права на жените, полска невладина организација, барајќи помош. Како одговор, им овозможи на психолозите и адвокатите да работат со веб-страницата.

Од нејзиното лансирање, повеќе од 350 лица контактирале на веб-страницата. Повеќето од жртвите се млади под 40 години, а околу 10% се од машки пол.

“Повеќе помлади жени претпочитаат да пишуваат на Фејсбук отколку да се јавуваат на телефон, поприродно е за помладите жени да користат разговор на Фејсбук. Поголемиот број на мажи кои ни пишуваат се тинејџери”, рече таа.

Source BBC Vox Feminae