Уметнички караван во посета на Скопје во рамките на проектот „Некои нè нарекуваат Балкан“
Оваа седмица во Скопје престојуваше уметнички караван во рамките на проектот „Некои нè нарекуваат Балкан“ (НННБ). Караванот го сочинуваат осуммина уметници од земјите кои учествуваат во проектот, како и мал продукциски тим. Во соработка со локалните партнерски организации, караванот се движи низ повеќе земји од Западен Балкан. Градовите кои ги посетуваат се Сараево, Белград, Скопје, Приштина, Тирана и Јанина.
Патувачкиот караван е осмислен како дискурзивна уметничка програма чиј фокус не е само на индивидуалното создавање, туку и на рефлектирање, внимавање и негување на критичките позиции. Уметниците, заедно со продукцискиот тим и локалните партнерски организации, се посветени на наоѓање на нови начини на гледање и разбирање на сопствените уметнички практики и локалитетите каде престојуваат.
Тие трагаат по сите видливи и невидливи димензии, истории и наративи кои го обликуваат овој регион. Програмата во секој од градовите е водена од прашањето „Кога би можел/а да одберам, каде би бил/а?“. Кураторка на програмата е Кумјана Новакова од Скопје, воедно и соосновачка и директорка на филмскиот фестивал Pravo Ljudski.
Во текот на престојот во Скопје, уметниците се сретнаа со локални културни дејци, уметници и теоретичари како Мери Батакоја, Христина Иваноска, Ивана Драгшиќ и Јана Коцевска, а ги посетија и Музејот на современата уметност и Националната Галерија. Нивната програма се реализираше во соработка со социјалното претпријатие и отворен простор „Комитет“, а локалната партнерска организација е Платформата за граѓанско учество низ културни и уметнички пракси Социопач.
Фокусот на програмата беше на истражување на мисловниот простор што го создава односот помеѓу минатото и иднината присутен во јавниот простор во нашиот град.
Патувањето може да се следи на социјалните мрежи на проектот Some call us Balkans, вклучувајќи ги Instagram и Facebook.
НННБ е проект за дискурзивно, уметничко реобмислување, здружено создавање и размена. Уметниците кои учествуваат во него потекнуваат од Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска, Албанија, Косово, Италија и Грција. Проектот е поддржан од програмата на Креативна Европа, а го реализираат организации од регионот во соработка со организации од Германија и Италија.