Одалечена од сите, освен од неколку пријатели, се плашам дека карантинот ги атрофираше моите социјални мускули
Можеби нема да трае толку долго – овој нагон да се избега дури и од виртуелен контакт со други луѓе во корист на пижами и кревет. Но, што доколку остане?
„Како беше, сето ова време? “ Случаен познаник – мајка на далечен пријател на моите деца – го постави ова прашање на улица, од позади маска и на безбедно социјално растојание. Не сме се виделе со месеци и моите деца се оддалечија од нејзините, како и од сите, освен од неколку пријатели. Се разгледувавме љубопитно, потсетени во моментот колку е сето ова навистина чудно. „Добро,“ рефлексивно реков. „Добро беше.“
Немам идеја дали е ова вистина. За оние што имаат среќа да избегнат катастрофални здравствени или економски загуби, мерењето на штетите од минатата година може да биде тешко. Како, всушност, сме? Ги гледав моите деца како се прилагодуваат, со речиси беспрекорна способност, на учење преку Интернет и без договори за играње со другарчиња во затворени простории. Навикнавме едвај да ја напуштаме нашата населба и да не се видиме со семејството повеќе од една година; и, во ретки прилики кога имаме бебиситерка, да носиме маски по дома. Во меѓувреме, ние сме одалечени од сите, освен од неколку блиски пријатели. Ако е добро – и во голема мера е добро, или барем е неделава – исто така се прашувам дали некој социјален мускул се атрофирал и станавме чудни. Пред една година, беше чудно да се седи дома цело време. Сега идејата да излеземе, да одиме каде било, да видиме некого или да направиме нешто, најпрвин нè исполнува со страв.
Другите родители го забележале ова: дека нивните деца кои порано биле активни, кои сакале карате или пливање или само одење во парк, овие денови честопати мора да се подмитувани за да станат од каучот. И возрасните го чувствуваат тоа. Еден пријател неодамна предложи да направиме видео повик со уште неколку други луѓе што ќе започне во 21.30 часот, и јас се почувствував како да се згрозувам од ужас. Зошто толку доцна?! Нема да треба да се туширам, а камоли да ги пресоблечам тренерките, но сепак наметнувањето изгледаше монструозно. Кој, овие денови, ако не се загледал во некоја серија на Нетфликс, не е во кревет и спие во 22 часот?
Ако вирусот не држи во заложништво, многумина од нас страдаат од еден вид Стокхолмски синдром, кој потекнува од добриот инстинкт да се направи најдоброто од ситуацијата. Повеќе пати оваа година, беше поучно да се потсетуваме дека можеби, во текот на нашиот живот, никогаш нема да имаме ваква можност да поминеме толку многу време со нашите деца. Зарем многумина од нас со години не копнееја за календар без ангажмани, без планови, без обврски надвор од најважните? Конечно, добивме шанса да ги гледаме сите шест сезони на Сопранови.
И, најдовме алтернативи за некои недостатоци. Како и многу луѓе, јас се здебелив толку многу во првите шест месеци од карантинот, така што минатата есен бев само 6,8 килограми помалку од тежината која ја имав кога бев осум месеци бремена со близнаци. Се чувствував оттуѓена од сама себе, без енергија и заедно со илјадници други, се приклучив на списокот на чекање на Амазон за нивните тегови со тежина од 8 кг да се вратат на залиха. Ја преземав фитнес апликацијата Nike (не сум ја отворила ниту еднаш). Живеам на горен кат и барем еднаш неделно се принудував да го прескокнам лифтот и да се качам по скалите.
Сите овие мерки беа, си реков, од суштинско значење за да останам здрава на начин што нејасно го поврзував со тоа да не фатив Ковид. Она што е интересно за мене во овој момент е дека, додека влијанието на вирусот врз нашето физичко здравје и изглед ги погодува повеќето од нас како многу лоша работа, еквивалентно венеење на социјалното здравје – желба да се видат луѓе со кои, пред сето ова, уживавме во повремениот пијалок – барем во мојот случај не се третира со слична сериозност. Многу коментиран текст во „Атлантик“ минатата недела „тагуваше“ за загубата на пријатели и познаници од втор ред, поим што јас од срце го исмевав. Која беше поентата на сето тоа, во секој случај? Повеќе сакам да легнам на троседот и да гледам епизоди на блокбастер серијалот со вампири, Ван Хелсинг. (Навистина е добар).
Претпоставувам дека нема да трае, ова незадоволство и повлекување, иако кој знае колку длабоко се сменија нашите навики? Повремено, на игралиште после училиште, ќе разговарам со друг родител – седејќи маскирана и на крајниот крај од клупата – и ќе се потсетам на слабото задоволството на новите луѓе. Тоа се случи оваа недела: разговор со друга мајка за книгите во кои и двете уживавме и кои се нашите опции за грижа за децата ова лето. Ова е забавно, си помислив: личност, со нејзини карактеристики, која ми се допаѓа и сакам да и се допаднам. И тогаш скоро веднаш – колку долго пред да можам да се извлечам и да одам дома?
Ема Брокс, The Guardian