АМС и НМСМ ја доделија Наградата за младинско учество

По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на млади, 12 август, во Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, Агенцијата за млади и спорт во соработка со Националниот младински совет на Македонија ја доделија овогодинешната Награда за младинско учество оддавајќи им признание на поединци, неформални групи на млади и младински организации, организации за млади и чадор младински организации.

Добитници на наградата за оваа година се Изабела Јакимова во индивидуална категорија на млади, “Младите на една може” во категоријата на неформални групи и Здружението Гоу Грин во категоријата на младински организации, организации за млади и чадор младински организации.

Изабела Јакимова ја доби наградата во индивидуална категорија како активистка која преку сопствената работа се залага за адресирање на социјални прашања и проблеми, со фокус на животот на маргинализираните групи. “Младите на Една може” беа наградени во категоријата неформални групи за нивниот ангажман во насока на адресирање на прашања од областа на социјална заштита и едукација на деца и млади од еднородителски и самохрани семејства, како и охрабрување на младите од овој тип на семејства за вклучување во јавниот живот. Во категорија за младински организации, организации за млади и чадор младински организации наградата ја добија Здружението Гоу Грин, кои преку својата работа ја адресираат потребата и важноста од младинското учество во заштитата на животната средина, како и борбата со климатските промени на локално ниво.

На церемонијата за доделување на Наградата за младинско учество воведено обраќање имаше Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски кој посочи дека овие признанија се поттик за сите генерации да придонесат кон трансформација на Северна Македонија во подобро место за живеење во кое македонските граѓани ќе имаат еднаква шанса да ги реализираат своите потенцијали.

„Нема да претерам ако кажам дека овие млади луѓе се надминуваат и себе си и многумина од нас. Тие самоиницијативно ги препознаваат системските празнини и ги коригираат неправдите на системот. Со нивните дела активно придонесуваат за благосостојба на општеството. И патем, нам, на политичарите ни ги одземаат сите изговори дека решавањето на проблемите е комплицирано, скапо или невозможно“, рече претседателот Пендаровски, нагласувајќи дека се додека младите имаат желба да се борат со социјалните неправди, има надеж за македонското општество.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски и Претседателката на Националниот младински совет на Македонија Марија Крстевска ги доделија наградите на победниците во трите категории кои демонстрираа исклучителна креативност, иновативност и посветеност во решавање на прашања од јавен интерес и постигнување на мерливи резултати во подобрувањето на заедницата.

Мојсовски им се заблагодари на сите млади кои директно се вклучиле во неделата на млади за реализирање на нивните намери и идеи во периодот што следува и истакна дека „Оваа година е прва за нас, да ја доделуваме Наградата за младинско учество заедно со Националниот младински совет на Македонија и се надеваме дека ова ќе прерасне во долгогодишна традиција“.

„Делата зборуваат погласно од зборовите. Вие сте инспирација за сите млади и посакувам да продолжите да се борите, да бидете гласни и истрајни во тоа што го работите. Ви посакувам уште многу успеси во иднина и се надевам дека ќе продолжите да бидете двигатели на промени коишто ќе ги мотивираат младите, но и сите генерации активно да се вклучат и да го менуваат нашето општество на подобро.” рече Марија Крстевска, Претседателка на Националниот младински совет на Македонија.

Наградата за младинско учество изминативе 5 години беше доделувана во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество, во партнерство со Националниот младински совет на Македонија.

Како платформа која овозможи континуирано признавање на учеството на младите во општествениот живот, Агенцијата за млади и спорт во соработка со Националниот младински совет на Македонија ја преземаат традицијата и одговорноста да продолжат да ја доделуваат Наградата за младинско учество во иднина.