Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство: Како се превенира и спречува семејното насилство, ако жртвата чека пет месеци за привремени мерки на заштита?

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство ја објави својата реакција за непостапувањето на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи (МЦСР) на Град Скопје во случај каде и по четири месеци од пријавата од страна на жртвата, не се преземени никакви мерки на заштита.

„Последните настани кои се случуваа во Гостивар, Неготино и Струмица го покренаа прашањето колку државата ги штити жените кои секојдневно се справуваат со семејно и родово базирано насилство. И покрај тоа што Република Северна Македонија ја ратификуваше Истанбулската конвенција и ги усогласи сите позитивни законски прописи, поточно донесе нов Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, сепак неизбежни се делата со извршено семејно насилство кои завршуваат со тешки телесни повреди и во крајна инстанца со фемицид. Целиот систем за превенирање и спречување на насилството воопшто не функционира што се чини дека сериозно е доведена во прашање целта на Истанбулската конвенција и Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство“, соопштија од Националната мрежа.

„Водителите на случаи на семејно насилство во центрите за социјална работа често се менуваат, воспоставуваат различни практики, одлуките кои ги донесуваат не се разбирливи, па очигледно е дека не им е доволно јасна нивната одговорност која ја имаат за жртвите. Нивното непостапување и не правење на правилна проценка на ризик, доведува до сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членови на нејзино семејството, нагласуваат од оваа невладина организација.“

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство го потенцираше случајот на семејно насилство по пријава од страна на жртвата пред четири месеци. Овој случај до ден денес останува нерешен, односно не се преземени никакви мерки на заштита на жртвата. Семејното насилство го врши сопругот на жртвата во форма на закани по живот, вознемирувачки пораки, демнење, стрес и секојдневни притисоци. Жртвата е лице со тешка телесна попреченост – церебрална парализа – и покрај попреченоста, сопругот свесно продолжува психички да ја малтретира сопругата. Со психичко насилство се справуваат и малолетните деца и останатите роднини кои живеат во заедничката семејна куќа.

Жртвата го пријавила нејзиниот сопруг во полициска станица, а пријавата од полицијата до ЈУМЦСР Скопје стигнува после една недела. Во МЦСР Скопје жртвата е повикана да даде изјава уште наредниот ден, а потоа се повикани и нејзините малолетни деца да дадат изјава за насилството кое го доживуваат. Скоро 30-на дена, жртвата од страна на МЦСР Скопје нема никаков одговор во однос на постапката, освен тоа дека сторителот е повикан исто така да даде изјава во центарот. Поради тоа, од страна на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство е остварен контакт со одговорните лица за овој предмет при што, главното одговорно лице на случајот нагласи дека законскиот рок за постапување по овие предмети е 30 дена и не постојат никакви задоцнувања, и дека рокот не е поминат, согласно позитивните законски прописи.

„МЦСР Скопје, како предлагач на привремени мерки за заштита и воедно и одговорен за животот на жртвата, решава да не се произнесе во судот за ова предолго одложување на постапката и не побара ниту една привремена мерка на заштита, поточно не побара никаква забрана за приближување, а е уредно известен дека сторителот секојдневно ја демне жртвата и нејзиното семејство. Доколку целта на Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство е превенција и спречување на родово-базирано насилство врз жените и семејното насилство, ефективна заштита на жртвите од каков било облик на родово базирано, тогаш каде е целта за оваа жртва? Како се превенира и спречува семејното насилство, ако жртвата чека пет месеци за привремени мерки на заштита? Која е целта на привремени мерки за заштита, доколку ги нема повеќе од пет месеци? Каква проценка на ризик има направено ЈУМЦСР Скопје?“

„Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство изразува огромна загриженост за овој случај и за сите случаи кои талкаат низ лавиринтот на институциите, а жртвите се незаштитени и оставени сами на себе. Оттука, бараме Министерството за труд и социјална политика редовно да ја следи работа на центрите за социјална работа и подобро да се запознае со непрофесионалното, неетичко и неажурно постапување, па следствено на ова да преземе мерки со кои ќе ја подобри работата на центрите за социјална работа и ќе ги заштити жртвите на семејно и родово базирано насилство“, стои во реакцијата на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.