Брак, свадба и традиција: Зошто толку многу жени продолжуваат да го менуваат своето моминско презиме во презимето на нивниот сопруг
Планирање на свадба за време на пандемија е полно неизвесности, но за 30-годишната Линдзи Еванс постои едно нешто за кое е сигурна, а тоа е – промена на сопственото презиме.
Венчавката на оваа жена од Калифорнија и нејзиниот партнер е закажана за јули 2021 година.
Во Америка, околу 70 проценти од жените кога ќе стапат во брак го земаат презимето на својот сопруг
Во Велика Британија, таа бројка достигнува скоро 90 проценти, според податоците од 2016 година, а 85 проценти од тие жени се на возраст меѓу 18 и 30 години.
Иако овој тренд е помал отколку што беше пред една генерација, очигледно е дека оваа културна норма е сè уште многу силна во многу земји на Запад. И покрај фактот дека денес живееме во индивидуализирано и родово посвесно општество.
Иако дефинициите за феминизмот се разликуваат, 68 проценти од жените под 30 години во САД и околу 60 проценти во Велика Британија се декларираат како феминистки.
-Изненадувачки е, бидејќи традицијата доаѓа од патријархалната историја, од идејата дека мажената жена станува само дел од имотот на мажот – вели Сајмон Данкан, професор на Универзитетот во Брадфорд во Велика Британија, кој ја проучува оваа традиција.
Тоа е долговечна традиција во повеќето земји во кои англискиoт е прв јазик, иако концептот на „сопственост“ на жена не се користи во Велика Британија повеќе од еден век и не постои законска обврска да се преземе презимето на сопругот.
Голем дел од Западна Европа го следи овој пример, со исклучок на Шпанија и Исланд, каде што жените го задржуваат презимето и Грција, која во 1983 година донесе законско решение жените да го задржат презимето до крајот на животот.
Дури и во Норвешка, која се смета за една од водечките земји во родовата еднаквост и со послаба патријархална историја, повеќето жени продолжуваат да го земаат презимето на својот сопруг.
Но, околу половина од жените кои го прифаќаат второто презиме, исто така, го задржуваат своето моминско презиме како средно, што служи и како второ презиме.
-Дали е тоа само безопасна традиција или има некое пошироко значење што се пренесува од тоа време до денес? – прашува Данкан, кој неодамна се здружи со научници од Универзитетот во Осло и Универзитетот во Западна Англија, за да разгледа подетално зошто оваа традиција опстојува и понатаму.
Патријархална традиција
Постојат различни причини зошто жените можеби сакаат да го сменат своето презиме, можеби затоа што не им се допаѓа или затоа што сакаат да се дистанцираат од отсутни родители или насилни членови на семејството.
Но, по интензивна анализа, истражување и разговори со младенци или свршени парови во Велика Британија и Норвешка, тимот на Данкан утврди две главни причини за тоа.
Првиот е упорностa на моќта на патријархатот. Второ, идеалот за „добро семејство“: верувањето дека споделувањето на презимето со партнерот симболизира посветеност и ги обединува вас и вашите потенцијални деца во едно семејство.
Некои парови го менуваат презимето едноставно затоа што тоа е традиција, додека други со ентузијазам ја прифаќаат идејата за понатамошно пренесување на машките презимиња.
-Некои мажи продолжуваат да инсистираат на одржување на тој вид на патријархална претпоставка, која потекнува од минатото. Некои жени се согласуваат со ова и ја интернализираа идејата. Има жени кои едвај чекаат да го земат презимето на својот сопруг – објаснува Данкан.
Истражувањето на неговиот тим сугерира дека практиката жените да ги менуваат презимињата е поврзана со други патријархални традиции, како што е тоа татковците да ја дадат раката на своите ќерки и дека мажите треба да бидат тие кои ќе ја „запросат“ партнерката.
Ова се ритуали на иницијација, вели Данкан, и за многу пaрови се составен дел од „брачниот пакет“.
-Тоа е дел од романсата – се согласува Корина Хирш, 32-годишна Германка која живее во Стокхолм, Шведска, и која минатата година го зела презимето на нејзиниот сопруг.
-Претходната ноќ спиевме во посебни соби. Татко ми и мојот сопруг одржаа говор на свадбата, но јас не – додаде таа.
Хирш верува дека овие традиции им помагаат нејзе и на нејзиниот партнер да ја продлабочат врската, и покрај фактот што се заедно повеќе од осум години.
Не очекувавме дека ќе се чувствуваме уште поблиски по венчавката, но фактот дека се организиравме со голема помпа и сега имаме само едно презиме си го направи своето“.
„Добро семејство“
Друга причина која Данкан и неговиот тим ја потенцираат се однесува на перцепцијата на јавноста. Тие заклучија дека земањето на презимето на партнерот се смета за начин пред останатите да се покаже посветеност и заедништво.
-Чувствувам дека тоа ни дава идентитет како семејство, а не како поединци – се согласува Линдзи Еванс од Калифорнија.
Во истражувањето на Данкан се заклучува дека наративот за „добро семејство“ е особено силен кај жените кои веќе имаат деца.
Дури и некои од оние кои на почетокот не го преземале презимето на партнерот, тоа го сториле откако добиле дете.
-Сакав да го сторам тоа за да се поврзам повеќе со мојот син, не само во нашата врска, туку и на хартија – вели Џејми Берг, 36-годишна американска балерина и гимнастичарка, која живее во Осло, Норвешка.
Бидејќи го задржала моминското презиме неколку години, најмногу затоа што тоа било важно за нејзиниот професионален идентитет, го додала презимето на нејзиниот сопруг на нејзиниот пасош и други документи кога се родил нивниот син, така што „сите тројца би имале исто презиме“.
Со ова, се надева, ќе избегне административна конфузија, на пример, кога патуваат во странство.
Друго вообичаено чувство кај многу родители, според студијата на Данкан, е тоа дека децата можат да станат збунети или несреќни како резултат на тоа што нивните родители имаат различни презимиња.
Но, тој тврди дека иако ова може да создаде одредена непријатност кај возрасните, социолошките истражувања покажуваат дека има многу ограничено влијание врз децата, и повеќето воопшто не се збунети околу тоа кој го сочинува нивното семејство, без оглед на презимето што го носат.
Традиција против феминизмот?
Научниците се поделени околу тоа како оваа практика влијае на напорите да се постигне родова еднаквост.
Данкан вели дека е „прилично опасно“ кога паровите го прават тоа само затоа што сакаат да ја прифатат традицијата или едноставно претпоставуваат дека така мора.
-Така се зајакнува идејата дека мажот е авторитет … традицијата мажот да биде глава на семејството продолжува – објаснува тој.
Тој аргумент е силно поддржан од жени како Ники Хесфорд, сопственичка на компанијата на северот на Англија.
Таа сега е разведена, но додека била во брак не сакала да го прифати презимето на нејзиниот поранешен сопруг и вели дека е изненадена кога гледа дека толку малку жени го прават истото.
-Жените се жалат дека секогаш завршуваат како главни негуватели, тие се оние кои ја оставаат работата настрана кога детето ќе се разболи, го носат во болница или трпи нивната професионална кариера. Но, тие од самиот почеток прават преседан велејќи: „вие сте поважни од мене, вие сте примарни, јас сум секундарна – тврди Хесфорд
-Некои луѓе ми велат дека претерувам со анализата на сето тоа и дека тоа не значи ништо, но не се согласувам со тоа – додаде таа.
Сепак, Хилда Бурк, ирска терапевтка за парови, смета дека на жените што ќе решат да го задржат своето презиме не треба веднаш да им се суди.
Оваа специјалистка посочува дека концептите на „старомодна романса“, кои се поддржани од филмовите и литературата, се дополнително зајакнати од социјалните мрежи.
Ова значи дека на жените од овој вид на пораки ќе им остава впечаток и понатаму, и покрај фактот што феминизмот денес има посилна платформа.
-Поголемиот дел од содржината на инфлуенсерките се врти околу тоа колку е важно да имате момче, да планирате голема венчавка и меден месец. Иако овие жени се идентификуваат како феминистки, начинот на живот што тие го претставуваат е всушност романтичен идеал – вели Берк.
Таа верува дека, за многумина, менувањето на моминското презиме во тоа на сопругот е прагматична опција и не мора да има врска со тоа дали сте повеќе или помалку феминистка.
Друг аргумент е дека, суштината на феминизмот е да им се даде на жените слобода на избор.
Ова значи дека се додека тие се тие што одлучуваат кое презиме да го носат, не треба да е важно дали ги поддржува патријархалните норми или не.
-Моето момче никогаш не побара да го земам неговото презиме. Како феминистка, можам да донесам одлука што е најдобра за мене, без да се грижам за родовите улоги – вели Еванс.
Дали повеќе жени ќе го сменат презимето во иднина?
Истражувачите расправаат за тоа колку ќе биде раширена традицијата во иднина да се зема презимето на сопругот.
Има малку предвидливи академски истражувања, иако постојат индикации дека, и покрај бавниот напредок досега, и жените и мажите се сè поотворени за алтернативи.
Во Велика Британија, истражување спроведено во 2016 година, спроведено на повеќе од 1.500 лица, открива дека 59% од жените сепак сакаат да го земат презимето на брачниот другар, а 61% од мажите сè уште сакаат партнерките да го сторат тоа.
Иако овие бројки се доста високи, тие се околу 30 проценти пониски од процентот на Британци кои во моментов ја следат таа традиција.
Друго истражување покажа дека 11% од луѓето на возраст меѓу 18 и 34 години во Велика Британија сега користат две придружени презимиња кога стапуваат во брак.
Ова е практика што во минатото традиционално ја следеа побогати семејства.
-Разговаравме за тоа и одлучивме дека бидејќи ќе споделиме сè во нашите животи, има смисла да се споделуваат и презимиња – објаснува Ник Нилсон-Бин, 36-годишен Британец кој живее во Шведска и ги има истите две комбинирани презимиња како неговата сопруга.
-Се чинеше малку архаично и старомодно само таа да го земе моето презиме – објаснува тој.
Во САД, се поголем број жени, исто така, се одлучуваат за две презимиња, без цртичка помеѓу, за да бидат повидливи на Интернет од професионални причини.
За тоа време, некои парови мешаат презимиња или измислуваат нови за споделување, а мажите ги преземаат презимињата од жените, иако овие две практики остануваат невообичаени.
-Не бев воодушевен од целиот овој маскулинитет и патријархална глупост и знаев колку е важно за мојата сопруга да го зачува својот идентитет – изјави Кирен МекВејд, 39-годишен британски инженер кој го зел презимето на неговата сопруга.
Со оглед на тоа дека жените имаат поголема веројатност да стапат во брак подоцна (просекот е 35 години и повеќе во европски земји, како што се Велика Британија, Италија, Шпанија и околу 28 години во САД), ова може да има некаков ефект врз изборот на идните презимиња.
Заедничка студија од Норвешка и САД покажува дека постарите, пообразовани и финансиски независни жени имаат поголема веројатност да го задржат своето моминско презиме, додека оваа практика е помалку распространета меѓу помладите, пониско платените и помалку популарните жени и меѓу афро-американската заедница.
-Јас веќе имав куќа, диплома, автомобил, сите тие работи. И така, ако требаше да го сменам презимето, ќе морав да го сторам тоа на сите тие документи и дозволи – објаснува Америка Назар, 50-годишна забарка која живее во Норвешка и не го сменила презимето откако се омажила минатата година.
Други истражувачи укажуваат на влијанието на ЛГБТ заедницата, која веќе има тенденција да биде пофлексибилна при промена на презимињата.
Д-р Хит Чечингер, психолог и терапевт на Универзитетот во Калифорнија, Беркли, предвидува дека хетеросексуалните парови би можеле да бидат охрабрени да го задржат сопственото презиме како што се шири „концептот за семејството “.
-Време е да тоа да стане отворена дискусија во рамките на партнерствата, а не нешто што се претпоставува или е предодредено – се согласува менаџерот за маркетинг, Верити Сешнс од Англија, која кога се омажила го задржала своето презиме.
-Некои од моите пријатели решија да го преземат презимето на својата сопруга и затоа ги обожавам – вели таа.
Сепак, таа вели дека разбира дека другите парови „ја сакаат традицијата“ или се одлучуваат за конвенции кои едноставно „прават вашето семејно стебло полесно да се разбере“.
Во Лондон, терапевтката Берк исто така верува дека традиционалните конвенции во врска со презимињата ќе се променат, иако сега за време на борбата против Ковид-19, дојдоа до израз некои други приоритети.
Фановите на традицијата на машки презимиња како што се Корина Хирш, сепак се надеваат дека таа сепак нема да изумре.
„Би било убаво да продолжи, но само ако не е на сила“, вели таа.
Превод: Лени Фрчкоска