Ескалираше протестот против францускиот предлог: 47 полицајци повредени, од кои 11 се со потешки повреди

За време на вчерашниот протест против францускиот предлог, беа повредени 47 полицајци, од кои 11 имаат потешки повреди, а двајца се сериозно повредени. МВР соопшти дека се приведени 11 демонстранти.

Протестот започна пред Влада, а потоа демонстрантите продолжија со марширање до Министерството за надворешни работи и до Собранието. Неколку говорници се обратија кон демонстрантите на поставената бина пред Собранието.

Демонстрантите успешно ја пробија оградата на Собранието, а некои од нив влегоа во дворот на институцијата.

МВР констатираше дека е уништено едно полициско возило и демолирани се два мали објекти пред Собранието, наменети за полицијата. Предизвикана е штета на прозорците и на собраниската врата, а голем дел од бекатон плочките од патеката пред Собранието се откорнати.

За време на протестот, голем дел од демонстрантите фрлале со железни предмети, бекатон плочки, молотови коктели, сообраќајни знаци, камења, канти за ѓубре и пиротехнички средства кон објектите и кон полицајците. Дел од демонстрантите носеле качулки.

Mинистерството за внатрешни работи апелираше до граѓаните – доколку некој препознае лице кое учествувало во насилните протести, како што е лицето на снимката кое фрлило молотов коктел кон полицијата и Собранието, да го пријави на телефонскиот број 192, или во полициска станица.