Интервју со Сара Миленковска за иницијативата „Сподели авторка“: Женското творештво и феминистичката литература не се нешто ново, тие се дел од секоја идеја за еднаквост

„Сподели авторка“ е иницијатива која ја започна Сара Миленковска, ко-основачка на Stella Network. Целта на оваа иницијатива е овозможување на бесплатен пристап до книжевните дела на жени писателки и до светската феминистичката литература во јавните библиотеки низ Македонија. Во интервјуто со Сара Миленковска, зборувавме за почетоците на „Сподели авторка“, женското книжевно творештво, како и идните планови за развој на самата иницијатива.

Како се појави идејата за иницијатива „Сподели авторка“ и на кој начин ќе ја изведете реализацијата на проектот? 

Во текот на своето растење ја имав привилегијата мојата мајка да ми ги доближи идеите за еднаквост и слобода преку различна литература. Дури кога уште не знаев да читам, таа ме носеше на различни промоции на книги и за мене тоа стана секојдневие. Сè уште ми испраќа долги листи на книги кои треба да ги прочитам, мејлот ми е преполн со ПДФ фајлови, а нејзиниот стан полн со книги, повеќе книги од мебел. Книгите се наша куќа, си велиме фамилијарно.  Е сега, тоа не значи дека јас сум сосемa дисциплинирана читателка, има книги кои сè уште ги читам а ги имам почнато пред една година, а има и книги кои од кога ќе ги започнам не ги испуштам од рака дур не ги прочитам. Сакам да кажам, подеднакво се плашам и се радувам од тие листи, се прашувам дали ќе најдам време, ама од друга страна се радувам дека имам нови светови за откривање. 

Споделувајќи на Инстаграм една од поемите на мајка ми од нејзината книга  ‘’Жените кои немаа куќа и три обични дена’’, ми пиша Андријана, каде може да ја набави нејзината збирка на поезија, бидејќи не може да ја најде во нејзиниот град.  Потоа, јас и Андрјана си започнавме со менторски процес, пред се со цел да ја поддржам во развојот на  една нејзина иницијатива Боемка, а потоа и да споделам различни истражувања и литература од полето на родова еднаквост. Нашата комуникација беше поголем поттик за општо да почнам да размислувам повеќе за достапноста на феминистичка литература, женското писмо и творештво. Нема потреба да нагласувам колку едукацијата и зачувувањето на женското творештво ја афирмира улогата на жените во градењето на општеството, ама секогаш се потребни нови начини на кои може да го препознаеме и поддржиме тоа. 

Размислував колку би било добро доколку се збогати фондот на книги во гратските библиотеки со ваква литература, сметајќи дека на тој начин ем ќе се поддржат градските библиотеки, ем ќе се промовираат наслови до кои не секој имал пристап. Од друга страна, се надевам дека оваа иницијатива ќе служи и како потсетување дека секој може да ги користи градските библиотеки, особено ако не секој може да си дозволи купување на книги. 

Оваа идеја подолго време тлееше во мене и долго размислував како би ја реализирала. Се разбира, тоа доби смисла кога како секоја добра идеја кога ќе ја споделиш таа само станува подобра. Неизмерно сум ѝ благодарна на Ивана Смилевска, која дур се шетавме една преладна сабота низ градскиот парк, ми помогна да ја срочам оваа идеја на хартија и заедно креиравме, мошне амбициозен план. Потоа, конкретната идеја ја споделив со Стела мрежата, на која сум коосновачка и веднаш имав нивна поддршка. Вљора Речица како дел од Стела и Чивнинг Алумнистка ја сподели оваа иницијатива со Македонската Чивнинг Алумни мрежа и тие одлучија безрезервно да нè поддржат преку купување на дел од книгите и воедно преку споделување дополнителни предлози за книги кои треба да ги земеме предвид. Преку нив успеавме да набавиме околу 100тина книги, каде околу 30тина наслови се повторуваат 3 пати, бидејќи идејата ни е за почеток бар 3 градски библиотеки да се опремат. Оваа сабота, на 20ти бевме во Битола, во Национална установа – Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“.  Заедно со Вљора ги однесовме книгите, бевме топло пречекани и се надеваме дека секој од Битола ќе се мотивира да изнајми некоја од книгите или предложи наслов кој може да го додадеме во нашата листа. Дополнително на оваа средба беше и една исклучително прекрасна историчарка, Ивана Хаџиевска, која го сподели и нејзиното публикувано истражување, како поддршка кон иницијативата но и кон активностите на Стела од која и самата била дел. Ивана значително придонесе на самата листа низ нејзините предлози во однос на женското писмо.

„Сподели Авторка“ – дизајн: Гала Насева (Studio Morsko)

Би сакала да споделам малку повеќе во однос на процесот на прибирање на насловите – тој процес траеше неколку месеци од ноември и уште трае. Пред сè пишав на неколкумина кои знаев дека би биле заинтересирани и убавината беше што сите ја споделија со останати луѓе кои можат да помогнат. Паралелно, следејќи ја активноста и неколку од дискусиите на Феминистичкиот клуб на Хера, дополнително се мотивирав ова да го доведеме до реалност воедно и Теодора Милевска сподели неколку наслови кои треба да ги имаме на ум. Со намера ги споменувам имињата на сите кои придонесоа, бидејќи ова е резлутат на солидарност и поддршка на нешто што од сосема мала идеја почнува да се реализира во вистинска иницијатива.  

Посебна благодарност до професорката Елизабета Шелева и нејзиниот удел во дефинирање на целосната листа. Ние не успеавме сите наслови да ги набавиме, ниту пак некои можеа да се најдат, ама оваа листа е многу значајна појдовна точка. Оваа листа може да служи и како водилка на останатите, доколку сакаат да ја збогатата својата домашна библиотека.  Селекцијата на крајните наслови кои ги набавивме беше сепак според тоа колку средства имавме и она што го најдовме во неколкуте книжарници кои подобро ги познаваме и ни помогнаа во процесот на селекција и набавка. Се надеваме дека во иднина оваа инициајтива ќе успее да добие поддршка со цел да ги набави сите книги од листата. 

Национална установа – Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола, март, 2021

Би сакала да споделам неколку начини на кои секој може да се приклучи: 

Споделете наслови кои може да се додадат на нашата листа. Во моментов таа е на Гугл форма, ама наскоро ќе биде целосно достапна и на нашиот вебсајт. 

Ги охрабруваме сите да ни пишат на нашиот мејл или веб-сајт доколку сакаат да купат директно книга која би ја споделиле со нас и ние потоа ќе ја однесме во некоја од библиотеките. Неколку поетеси и писателки се понудија да ги донираат нивните наслови, меѓутоа ние длабоко веруваме дека секој труд треба да биде платен и затоа постепено планираме да обезбедуваме средства за да ги купиме сите книги на листата од околу 150 авторки. Целата иницијатива се заснова на солидарност и не се брзаме никаде. 

Неизмерно благодарам до Олга Рајчиќ и Јована Герасимовска, кои се коавторки на логото, и воедно Олга ми помогна при осмислување на реализирањето на иницијативата. Оваа иницијатива е токму резултат на поддршка од сите различни страни и на сите можни начини. Креирањето на веб-сајот е резултат на едно менторство, во кое на почеток јас бев менторка, а потоа бев менторирана од страна на Александра Поповска за како се креира еден веб-сајт. Сметам дека сите константно учиме и се градиме низ различни процеси и значајно ми е што една мала иницијатива придонесе да се чувствуваме помалку немоќни апропо цела пандемија и неможноста директно да се адресираат патријархалните проблеми во општеството.

Според вашите досегашни сознанија, до кој степен се застапени жените авторки во јавната сфера, особено во образовните институции и јавните библиотеки?

Во некој идеален свет, јас и групата на луѓе кои ме поддржуваат би направиле соодветна анализа и истражување со цел да креираме научна валидација зошто ова претставува одреден проблем. Меѓутоа во недостиг на ресурси и време, си дозволивме веднаш да делуваме и иако можеби делува наивно, сметајќи дека подобро е да се тргне кон креирање решенија, а не само да се аргументира за проблемите. Но, не е дека се водиме само од една конкретна ситуација или само личните искуства, генерално постои простор пред сè за промовирање на користењето на јавните библиотеки, потоа промовирање на женското творештво. Овој цел процес, бар за мене беше исклучително значаен бидејќи научив многу од другите, преку споделени книги и авторки. Дополнително оваа иницијатива отвора значајно прашање, односно колкава е достапноста на инфомрациите во време на т.н. константно информирање. Постои литерaтура која доколку би била дел од формалното образование, многу значајни идеи за себереализрањето би почнале порано да се применуваат. Нашиот мал обид се да спакуваме на еден веб-сајт, нека биде само поттик дека за ова треба да се ангажираат оние чија задача е да го сочуваат женското писмо. Женското творештво и феминистичката литература не се нешто ново, тие се дел од секоја идеја за еднаквост. 

Родовата нееднаквост е сеприсутна низ целиот Западен Балкан и за среќа, за оваа состојба голем процент од помладите граѓани во Северна Македонија се свесни, особено со половичното расветлување на кривичното дело „Јавна соба“. Дали имате некаква конкретна идеја како да се подигне свеста за женските прашања и во места кадешто има далеку помалку достапност до современа литература, соодветно образование и генералниот пристап кон жените е често во рамките на веќе вкоренети патријархални вредности? 

На страна од потребата на реформи во образованието, еднаквоста и заштитата од РБН, кога станува збор за подигање на свест, потребна е трпеливост и отвореност. Потребна е директна и непосредна комуникација за овие прашања, не се потребни само кампањи за подигање на свеста. Потребно е отворање директен дијалог, во секоја пора од општеството, особено на регионално ниво. Гледано низ призмата на политичката култура, несомнено дека ќе речеме според нашата околина, работите ќе мора да се се средуваат политички, од горе надолу. Ама со ризик да звучам цинично, бидејќи се борам за системски промени, сепак не верувам дека сегашниот систем на вредности нуди простор за фундаментална промена и подигнување на свеста за женските прашања. Затоа верувам во (ре)креирање на наши простори и заземање на јавниот простор, преку разговор за овие прашања. Разговор пред сè со најблиските, разговор со пријателите, отворен разговор на работните места, медиумите, универзитетите итн. за овие проблеми и прашања поврзани со родовата еднаквост. За мене ова не значи подучување на останатите кои и сами треба да се ангажираат и да се доедуцираат. Мислам на разговор кој води до акција, тоа да биде направено преку конструктивна комуникација која ги активира сите актери на општеството. Родовата еднаквост е заеднички проблем кој само преку солидарност може да почне да се решава. Ова го напоменувам бидејќи еден од ефектите од пандемијата е тоа што се намалува меѓучовечката комуникација и можност за вмрежување. Океј, да, можеби можеме онлајн да го пренесеме, ама со тоа се губи персонализираниот пристап. Со можност да си контрирам себеси, некој можеби ќе каже дека доста зборувавме и се објаснувавме, сепак сметам дека дел од менувањето на длабоко вкоренетите патријахални вредности, што е долг процес, мора да започне преку дискусија, преку читање и отворено зборување за проблемите. Конструктивна размена на мислења и отвореност да научиме повеќе. 

Сара Миленковска и Вљора Речица, Национална установа – Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола. март, 2021

Веќе одамна сме сите свесни за алармантната состојба во која се наоѓа образовниот систем во нашата држава врз која придонесуваат и патријархалните вредности кои се уште застапени во задолжителната литература во образовните институции. Според вас, кој начин би бил соодветен за навремено и ефикасно усогласување на задолжителната литературна програма со стандардите во меѓународните акти за образование?

Сметам дека тоа би требало да биде сеопфатен процес во кој треба да учестуваат сите засегнати страни, според меѓународните стандарди. Часовите по македонски јазик и по странски јазици се оние кои најдиректно влијаат врз тоа како го обмислуваме и доживуваме светот. Гледано од социо-лингвистички аспект, низ самите анализи на часовите се развива и критичкото размислување. Тоа не е тежок процес на збогатување на литературата, напротив- доколку има волја и разбирање, веќе би почнал да се имплементира. Многу истражувачки и граѓански организации работат во полето на адресирање на несоодветната литература која е длабоко поврзана со родовите стеротипи и сексистичките наративи. Но, реформите од образованието, се дополнителна тема која неминовно мора да се приоретизира на соодветен начин, тргнувајќи од основните работи

Национална установа – Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола. март, 2021

Кои книги би ги посочиле како дела кои би требало да бидат задолжителен дел од образовниот систем – дела од странски, но и домашни авторки?

Не би си дала за право да кажам задолжителни, бидејќи ако нешто научив од целиот овој процес е уште колку многу имам за читање и колку е тоа убаво. Во мојата канцеларија, имам можност да ги слушам прекрасните предавања на професорката по англиски јазик и книжевност во средното училиште НОВА, Јелена Никодиноска Чаповска. Таа на своите ученици, според програмата им дозволува и самите да предложат книги кои би сакале да ги обработуваат. Можеби заради мојот однос кон авторитети, би избегнала нешто да наречеме „задолжително“. Треба да се развива однос во кој и самите ученици и ученички учевствуваат во процесот на селекција, се ангажираат и имат пристап кон повеќе можности. Она што ние може да го придонесме преку нашата иницијатива е да им понудиме зголемен избор на литература. Нашето подрачје е богато со маркантни поетеси и писателки, само потребен е систематизиран пристап, во смила на креирање на датотека на овие авторки, и пред се тоа да биде дигитална ако сакаме да стигне до помладите генерации. Во интервјуто за Слободен Печат дозволив да споделам неколку авторки, кои и ги имаа на нашата листа. 

Кризната состојба предизвикана од Ковид-19 го отежнува и транспортот и го ограничува физичкото присуство. На кој начин планирате да ги дистрибуирате делата, во кои градови и до кога очекувате да заврши првата фаза на проектот? 

Според искуството кое го имавме во Битола се надеваме дека така се убаво ќе помине. Почитувајќи ги мерките, јас и Вљора тргнавме наутро, вработените од библиотеката беа доволно љубезни да ја отворат библиотеката само за нас, бидејќи за жал поради работата не можевме за време на работен ден да отидеме. Ги складираме книгите во дрвена кутија. Во моментов сме во исчекување на одговор од библиотеката во Кавадарци со цел да го обележиме градот на Андријана, од која се ова започна. Потоа, планираме да одиме во Струга. Ова го правиме за време на викендите и планираме да одиме на секои две недели. Во меѓувреме, оваа иницијатива (која не би ја нарекла проект) ќе продолжи да расте преку собирање на нови наслови и се надевам дека ќе добие поддршка преку купување на книги.