Интервју со Теодора Милеска, Feminist book club: Феминистичкото движење и филозофија воопшто не се застапени во нашите учебници
Дури и во 2021 година, феминизмот уште звучи страшно и опасно за многумина во нашата држава. Теодора Милеска, волонтерка во Хера Млади и основачка на иницијативата Feminist book club е една од личностите кои секојдневно допринесуваат за промената на општиот поглед кон женските права, фем литературата и феминизмот во целост. Во интервјуто за Платформ, Теодора зборува за создавањето на иницијативата Feminist book club, стигмата која упорно следи се што е поврзано со феминизмот и женските права, како и застарениот образовен систем кој дури и во денешно време не вклучува феминистичка литература, ниту пак филозофија напишана од страна на жени, без разлика на тоа што во посовремените држави овие дела се регуларен дел од задолжителното образование.
Како дојдовте до идејата за Feminist book club и кои беа причините што ве инспираа да започнете иницијатива од овој тип?
Уште од рана возраст сум љубител на книги, а феминизмот малку подоцна ми стана пасија во животот. И некако овие две работи кои ми се многу драги сакав да ги спојам и да се поврзам и со други луѓе кои сакаат да читаат книги особено на тема феминизам, затоа што не се сеќавам дека некогаш сум обработувала феминистичка литература во училиште, а дефинитивно има и што да се чита и дискутира на овие теми. Дополнително сакав овој клуб да биде безбедно место за креирање на здрави дискусии поврзани со фемистичкото движење, затоа што за жал генералната перцепција кај нас е дека феминизмот е гадна, валкана и непотребна работа. Сакав и сѐ уште сакам оваа иницијатива да се избори и да ја трансформира негативната перцепција која ја има генералното население на тема феминизам.
Според вас, до кој степен младите во нашата држава се запознаени со феминистичката литература – барем онаа којашто е брзо достапна на глобално ниво?
Генерално, во последните години доста наставници и професори нагласуваат дека младите се помалку читаат и се интересираат за истражување на литературата. Кога зборуваме за феминистичка литература, степенот на запознаеност со феминистичка литература е многу низок. Ова се должи на неколку работи. Пред сѐ, феминизмот не е тема на која зборуваме во нашите домови, во училиштата, со нашите пријатели. Феминистичкото движење и филозофија воопшто и да не се претставени во нашите учебници (барем додека јас бев во средно образование), па затоа на оваа тема најчесто сами се едуцираме преку онлајн пребарувања. Дури и да покажеме интерес кон оваа тема, доста од феминистичката литература не е преведена на македонски јазик, што значи дека голем дел од делата се достапни (најчесто) на англиски јазик, па така и е ограничен бројот на читатели. Ова се дел од факторите кои влијаат врз (не)запознаеност со феминистичката литература.
Традиционалните, патријархални вредности се сеприсутни во нашето општество, и за жал се уште имаат деструктивно влијание и врз образовните институции во државава. Дали би посочиле некои дела кои сметате дека се „must reads“ за новите генерации, особено земајќи го предвид контекстот на општественото уредување во државата и во регионот и претежно конзервативната клима?
Моите две први препораки се да речеме класика. Едно од делата кое навистина ми ги „отвори“ очите и ми освести за доста работи беше „Вториот пол“ од Симон де Бовоар. Навистина е книга која ја препорачувам на секој, на тема феминизам. И секако „Сопствена соба“ од Вирџинија Вулф. Како посовремена литература, ја препорачувам “Feminists don’t wear pink and other lies” која претставува збирка на есеи кои го истражуваат личниот однос кој авторките го имаат со феминизмот.
Литературата којашто е задолжителна за младите во државава не подлежи на некакви сериозни, структурални промени и се чини дека новите образовни стандарди и трендови не се застапени и кај нас. Според вас, на кој начин би можело да се дејствува за да се дојде до промена во задолжителната литература во образовните институции, потенцирајќи ја важноста за запознавање на младите со литература напишана од жени, но и литература чиј примарен фокус е женската борба и родовиот идентитет?
Мислам дека пред сѐ треба да го направиме овој вид на литература подостапен, со цел да ги охрабриме професорите и учениците да ја обработуваат. Понатаму, мора да се работи на целиот медиумски дискурс кога станува збор за феминизам и феминистичка литература. Ретки се примерите како Медуза и Платформ каде навистина имаме аргументирани содржини на тема феминизам, а не clickbait наслови со неиздржани и негативни ставови кон феминизмот. Со самото невклучување на литература напишана од жени и литература која се фокусира на женската борба и родов идентитет во формалното образование, треба да бидеме свесни дека исклучуваме цели групи и нивните искуства од нашето општество.
Дали се соочивте со некакви препреки или предизвици додека ја развивавте иницијативата?
Идејата за иницијативата првпат ми се појави пред две години, но постоеја доста финансиски и логистички предизвици во тоа време за да ја остварам. Среќа во несреќа, се случи првиот карантин и некако имав многу слободно време да повторно размислувам за спроведување на иницијативата, но овој пат во дигитален формат. Дефинитивно онлајн алатките и те како ја направија оваа иницијатива остварлива. Многу непредвидливо и неочекувано за предизвикувачки времиња, но пандемијата навистина поттикна доста младински иницијативи.
Како ја гледате оваа иницијатива во иднина – дали сметате дека истата би можела да се прошири и стигне до кругови во коишто е потешко да се продре?
Кога започнав, немав некоја конкретна визија за каде го гледам клубот. Сега, малку повеќе од половина година, навистина се гордеам со тоа што го постигнавме. Она што е интересно за клубот се самите членови, имаме мажи, жени, девојки и момци, и навистина е доста разнолика група на читатели. Се надевам дека во иднина иницијативата ќе се прошири помеѓу различни групи, и дека ќе ги мотивира луѓето особено младите да се заинтересираат на тема феминизам. Пред сѐ, сакам оваа иницијатива да ги едуцира и мотивира луѓето да зборуваат за родовата (не)еднаквост, надевајќи се дека критичкото размислување ќе направи промена во вредностите, ставовите и однесувањата кај луѓето.