Како авторитаризмите ги менуваат соништата

Кога нацистите дошле на власт, писателката Шарлот Берад започнала да собира соништа. Што научила?

Кратко откако Хитлер дошол на власт, во 1933 година, една триесетгодишна жена во Берлин имала серија необични соништа. Во еден, од нејзината населба отстранети биле вообичаените знаци, кои биле заменети со постери на кои биле напишани дваесет зборови; првиот бил „Господ“, а последниот „Јас“. Во друг, жената се нашла опкружена со работници, вклучувајќи млекар, продавач на весници и водоводџија. Била смирена, сè додека не сфатила дека меѓу нив има и оџаџар(во нејзиното семејство, германскиот збор за „оџаџар“ бил код за припадник на С.С. единицата). Мажите го извеле нацистички поздрав и извикувале: „Твојата вина е несомнена“.

Ова се двa од околу седумдесет и пет соништа собрани во „Третиот рајх на соништата“, чудна, воодушевувачка книга од писателката Шарлот Берад. Не станува збор за научна студија, ниту за психоаналитички текст, „Третиот рајх на соништата“ е колективен дневник, сведоштво кое ги изгонува сенките на една нација под форензичка светлина.

Книгата објавена во Германија во 1966 година, во превод на англиски беше објавена две години подоцна, но оттогаш не беше препечатена. (И покрај постојаниот интерес од издавачите, никој не успеал да го пронајде наследникот на Берад, кој ги имал авторските права.) Но, книгата заслужува да се преиспита, не само затоа што денес сведочиме ехо на популизам, расизам и различни форми на надзор кои биле  дел од времето на Берад, туку затоа што во литературата за холокаустот нема ништо слично на ова.

-Овие соништа – овие дневници на ноќите – беа создадени независно од свесната волја на нивните автори. Тие, така да се каже, им биле диктирани од диктатурата – пишува Берад.

Берад – родена како Шарлот Арон, во Форст, град близу германско-полската граница – била еврејска новинарка. Кога Хитлер станал канцелар, во 1933 година, живеела во Берлин. Таа година, и било забрането да објавува, а таа и нејзиниот сопруг Хајнц Пол, биле уапсени за време на масовните прогони на комунистите што следеле по усвојувањето на  Указот на Фирерот за заштита на народот и државата. По нејзиното ослободување започнала тајно да ги собира соништата на своите сограѓани Германци. Во текот на шест години, додека германските Евреи ги загубиле своите домови, работни места и нивните права, Берад продолжила да собира. До 1939 собрала околу триста соништа. Проектот бил ризичен, не само затоа што му била  позната на режимот. Пол, која претходно работел за Vossische Zeitung, водечки германски либерален весник, набргу побегнал во Прага, а Берад почнала да живее со идниот сопруг, писателот и адвокат Мартин Берад.

Двојката живеела во Шарлотенбург – големо еврејско предградие на Берлин во кое живееле личности како Валтер Бенџамин и Шарлот Саломон – и соништата што тогаш ги собрала го отсликувале секуларното милје од средната класа.

-Ентузијастичните – „да, луѓе“ или луѓе кои извлекуваа корист од режимот, не ми беа достапни- пишува Берад. -Зборував со кројачка, сосед, тетка ми, млекарка, пријател – генерално без да ја откривам мојата цел, затоа што сакав најискрени и неприлагодувани одговори – пишува таа.

За да се заштити себеси и оние што ги интервјуирала, Берад своите белешки ги сoкривала под корици на книги кои потоа ги чувала во приватната библиотека. Таа маскирала политички фигури, претворајќи ги соништата на Хитлер, Геринг и Гебелс во „семејни анегдоти“ за чичковците Ханс, Густав и Герхард. Откако палењето книги и претресите по домовите станале чести практики на државна контрола, Берад своите белешки ги испратила кај пријателите во странство. Во 1939 година, таа и Мартин ја напуштиле Германија и како бегалци пристигнале во Њујорк. Се сместиле во Вест Енд, а нивниот стан станал место каде што се собирале личности меѓу кои и Хана Арент (за неа Берад превела пет политички есеи), Хајнрих Блухер и сликарот Карл Хајденрејх. Во 1966 година, откако си ги вратила белешките конечно ги објавила соништата под наслов „Траумите на Третиот рајх“.

„Третиот рајх на соништата“ е поделен во единаесет поглавја, поделени според тоа какви симболи и теми се појавуваат во соништата. Епиграфите од Арент, Химлер, Брехт и Кафка даваат тежина на надреалниот материјал што следува, а поглавјата се насловени со амблематични фигури како „Не-херојот“, „Оние што делуваат“ и цитати од раскажувачите како како „Ништо повеќе не ми пружа задоволство“.

Ваквите наслови ја зацврстуваат претпоставката на книгата: врските помеѓу искуствата кои ги преживуваме будни и соништата се неоспорни, дури и може да се докажат. Во еден поговор, австрискиот психолог Бруно Бетелхајм ги забележува многуте „пророчки“ соништа од збирката, во кои, уште во 1933 година „сонувачот длабоко во себе препознава каков е системот навистина“.

Како сведоштвата кои по војната од советски граѓани ги собирала Светлана Алексиевич, делото на Берад открива ефекти на авторитарните режими врз колективното несвесно. Во 1933 година, една жена сонувала за машина за читање на умот, која ја опишала како „лавиринт од жици“ што го открива нејзиното поврзување на Хитлер со зборот „ѓавол“.

Берад наишла на неколку соништа за контрола на мислите, од кои некои ги предвиделе бирократските апсурдности што нацистите ги користеле за да ги тероризираат луѓето.

Во еден сон, дваесет-и-две годишна жена која верувала дека искривениот  нос ќе ја обележи како Еврејка влегла во „Бирото за верификација на арејското потекло“. Во серија „бирократски бајки“ што ја евоцираат реалната пропаганда на режимот, маж сонувал за транспаренти, постери и гласови од касарните кои го повторувале „Правилникпт за забрана на преостанати буржоаски тенденции“. Во 1936 година жена сонувала за пат со длабок снег „испрскан“ со часовници и накит. Во искушение да земе парче накит таа стравувала дека станува збор за сценографија на „Канцеларијата за тестирање на чесноста на странците“.

Соништата откриваат како германските Евреи, но и припадниците на други етнички заедници се справувале со соработката и прифаќањето, паранојата и срамот од сопствените постапки, дури и кога во состојба на будност, ваквите чувства ги криеле од другите, но и од самите себеси. Извештаите се испреплетени со острите, директни коментара на Берад за нејзиното искуство со нацизмот и емиграцијата.

Со истакнувањето на сонот, наместо префрлање во материјал, Берад им овозможува на фантастичните детали да зборуваат погласно од какво било толкување. Нејзината книга потсетува на фотомонтажите на Хана Хох, во кои се мешаат објекти, текст и слики од германските медиуми, создавајќи неочекувани сценарија кои благодарение на нивната чудност делуваат поверодостојно.

На моменти во „Третиот рајх на соништата“ одекнува ставот на Хана Арент, која тоталитарната власт ја сметала за навистина тоталитарна во моментот кога нејзиниот терор ќе се манифестира врз приватните животи на своите субјекти. Се чини дека Берад се согласува со оваа премиса – таа ги сфаќа соништата како континуитет на културата во која тие се случуваат – но, таа исто, и како домен на слободното изразување кое опстојува кога приватниот живот потпаѓа под државна контрола. Во такви услови, сонувачот може да разјасни нешто што може да биде премногу ризично да се опише во будниот живот.

Берад го раскажува сонот на сопственик на фабриката, Господин С., кој во својот сон не можел да направи нацистички поздрав за време на посетата од Гебелс. Откако половина час се мачел да ја крене раката, ‘рбетот му се скршил. На сонот му треба мала елаборација, пишува Беради ако е „разочарувачки јасен и скоро вулгарно“. Во период во кој индивидуата се сведувала на паразит или на член на безлична толпа („Сонував дека веќе не бев во можност да зборувам, освен во хор со мојата група“), соништата понудиле ретка можност да се врати чувството на индивидуалност.

Книгата на Берад не вклучува никакви соништа со религиозна содржина и не постојат соништа од источноевропските Евреи кои живееле низ градот, на Гренадиер и Визен улиците – т.е. Евреите кои веќе ги преживеале пагромите. Но, тоа не го намалува значењето на живите, неизбришливи детали на Берад, кои го збогатуваат нашето разбирање за животот за време на раните години на нацизмот – период кој е во сенката на подоцнежните масовни убиства и војната.

Особено романескен е делот за соништата на жените од урбаните средини, Еврејки и не-Еврејки. Во еден од нив Геринг во кино сексуално вознемирува продавачка; во друг Хитлер, елегатно облечен, на Курфарстендам, со една рака милува жена, додека со другата дистрибуира пропаганда. „Едноставно, не може да се најде попрецизен опис на влијанието на Хитлер врз голем дел од женската популација во Германија“, пишува Берад, забележувајќи го бројот на жени што гласале за него и пресметаната манипулација со неговата наводна „еротска“ моќ.

Но, соништата опишуваат  и како жените – сведени од нацистичката пропаганда на послушни сопруги и „раѓачки“  – чувствувале дека имаат потреба од поголемо социјално влијание. Во еден случај, една жена која според расните закони, штотуку била класифицирана како една четвртина Еврејка сонувала како е водена од Хитлер надолу по скали. „Подолу имаше голем број луѓе, свиреше бенд, а јас бев горда и среќна“, и рекла таа на Берад. „на Фирерот воопшто не му пречеше да биде виден во јавност со мене“.

Последното поглавје од „Третиот рајх на соништата“ е посветено на оние кои – барем во соништата, се спротивставувале на режимот („Сонував дека е забрането да сонувам, но јас и покрај тоа сонував“) и на Евреите. Берад пишува дека ваквите соништа „претставуваат посебна категорија, исто како што самите Евреи биле посебна категорија под нацистичкиот режим“ и биле предмет на „директната, а не индиректната тероризација“. Еврејски доктор сонувал дека е единствениот лекар во Рајхот кој може да го излечи Хитлер. Кога се понудил, русокосо момче во придружба на Хитлер викнало, „Што?! Крив Евреин без пари?!“

Подоцна, еврејски адвокат сонувал дека патува низ ледениот Лапланд за да стигне до „последното место на земјата, каде што Евреите сè уште се толерираат“ – но царински службеник, „розев како мало прасе од марципан“ му го фрлил пасошот на мразот. Ветената земја за него останала далечна и треперела „раззеленета во мразот“. Тој сон е од 1935 година. Шест години подоцна, започнале масовните депортации.

Во Германија, „Третиот рајх на соништата“ беше оценет како „изненадувачки и моќен доказ“ и „важен историски документ“. Како што забележа психоаналитичарката Франсис Ланг, чудно е што книгата на Берат поминала „буквално непрепознаена“ во Америка.

Можеби било тешко за таква идиосинкретична историја да се натпреварува со директните сведоштва што се појавиле во шеесеттите години. (Книгата се појавува во исто време со „Ајхман во Ерусалим“ на Арент и со „Уништувањето на европските Евреи“ на Раул Хилберг).

Сепак, се уште има време колекцијата да влезе во канонот на литературата на Третиот Рајх, а можеби и да добие поголем тираж. Ланг, кој работела во Бостон, за студијата на Берад дознала преку фуснота во „Толкувањето на соништата“ на Фројд и напишала за тоа во Журналот на американската асоцијација за психоаналитичари. Во текот на сопствената пракса,  забележа притисок кај нејзините пациенти по изборот на Трамп за претседател на САД. Ги замолила нејзините пријатели и колеги да започнат со собирање соништа.

превод: Лени Фрчкоска

Source The New Yorker