Што моментално им смета на младите во нашата држава?

Оваа статија е напишана според субјективно мислење и идеи. Целта не е да се наметне мислење, ниту критика врз никого, туку повеќе да се повика секој оној што ја чита на размислување и дискусија.

Во последниот период, поради самоизолацијата и седењето дома, имав доста време, можеби и отповеќе, за да седам на телефон и да ги пратам случувањата во државата, а и во светот. Колку повеќе скролав на телефонот толку повеќе запаѓав во некоја дупка на разочараност, фрустрација или нервоза. Не бев сигурна дали сум единствена која ја чувствуваа таа тезија и негативна енергија на македонското тло, па решив да ги прашам моите Инстаграм следбеници како тие моментално се чувствуваат во нашата држава. Ионака веќе поголемиот дел од времето го поминувам на Интернет, тогаш зошто да не направам една мала анкета.

„Еј, дечки! Ќе пишувам статија за нашава држава. Дај кажете ми што ви смета моментално кај нас“ – го постирав тоа на моето Инстаграм стори и за моја среќа (или несреќа) добив доста многу одговори. Повеќето беа слични, т.е. се однесуваа на истата тема, па затоа решив да ги поделам на три групи: ОБРАЗОВАНИЕ, ЗДРАВСТВО и ПОЛИТИКА. Трагичното тука е фактот што овие три компоненти се основите на секоја држава. Кај нас очигледно се факторот за незадоволни млади граѓани. И да, пред да ме сфатите погрешно и пред да кажете нешто, имајте предвид дека 98% од луѓето кои ги следам на Инстаграм се млади луѓе и моја генерација. Секако, имајте предвид дека тие се тие кои допрва треба да живеат во оваа држава, освен ако не ја напуштат како и секој втор млад Македонец. Оваа статија ќе биде исто така напишана врз основа на одговорите коишто ги добив, потпрена на некои мои лични искуства. Си ја сакам државата, но не се чувствувам ко дома, очигледно такво мислење споделуваат и многу други млади. Целта не ми е да напаѓам или критикувам, чисто сакам да претставам барем дел од реалната слика за она што денес се вика Северна Македонија.

Да започнеме.

ОБРАЗОВАНИЕ – за мене најомилената тема за дебата и дискутирање, зашто се состои од неколку слоеви. Прв одговор што го добив беше „неедуцираност и лошо образование“. Колку пати сте го слушнале изразот „Прост народ, силна држава?“ – претпоставувам многупати. Бидејќи не сакам многу да се извинувам и секоја втора реченица да ја започнувам со „Извини“ ќе бидам директна. Ние сме прост народ, да, но не и силна држава. Глупавоста е болест и тоа е проблемот на многу млади коишто живеат тука. Но, на што се базира таа неедуцираност, таа неволја за подобруање, учење и осознавање? Дали вековната конзервативност на македонскиот народ резултира во овие дупки кои се појавуваат и го спречуваат нашиот напредок или станува збор за македонското его и доброволна дистанца од едуцирањето? Што најмногу ги засега на младите е фактот дека голем дел од македонското население е неедуцирано и игнорантно кога станува збор за феминизам, LGBTI+ заедницата, секс-едукацијата и менталното здравје. Се’ ова е табу и забранета тема во нашата држава. „Времињата се менуваат, а ние сме заглавени во Каменото време“ – беше еден од коментарите кои ми беа пишани. Можеби и на други места не е најсјано, но сексизам, мизогинија и хомофобија преовладуваат во државава. Таа ограниченост резултира во семејно и сексуално насилство и насилство воопшто, говор на омраза, предрасуди, нарекување погрдни имиња и етикетирање. Едно нешто со кое не се сложуваат младите е етикетирањето. Во која смисла? Два примери беа во фокус – прво, кога отворена, забавна и интелигентна жена се етикетира како „курва“ поради нејзините начини на живот, облекување, број на партнери и размислување и второ, кога имате потреба од психијатар или психо-терапевт етикетирани сте како „лудак“. Горенаведените поими како феминизам, ментално здравје итн. треба да се земат предвид и да се учат. Не е лошо доколку покрај часот по информатика се додаде и дополнителен час за секс-едукација. Сите ние сме само свесни колку страшно и трагично беше претставен делот „Репродуктивни органи“ во основно и средно училиште.

Кога станува збор за образование, може да се спомнат и сите статуси напишани на Фејзбук или некоја друга платформа кои не се потпираат врз никакви факти. Пусто Македонче има навика да е сезанјко во секоја сфера, та ако не го искажи неговото „највалидно“ мислење за одредена ситуација е крај на светот. Тука треба да бидеме внимателни зашто постои една општа равенка:

неедуцирани индивидуи = дезинформации

Единствениот противлек за овој проблем е токму образованието, а се додека ние како народ покажуваме висок степен на аверзија кон се‘ што е ново, поразлично или чудно, никогаш не ќе научиме дека постои нешто „по-“.

Но, како да се спречи неедуцираноста, кога ни самите наставници и професори не се мотивирани? Тоа беше еден од коментарите за просветните работници. Од мое лично искуство можам да тврдам дека оваа професија во денешно време не е најценета. Фактот дека сакаш да направиш од некого човек, да ја заинтригираш и упатиш во науката, уметноста и општо светот е, искрено, тешка задача. Додека работев како наставничка по англиски јазик во едно основно училиште, на своја кожа почувствував што значи да си на другата страна од клупата и колку посветеност и љубов треба. Прво, бев запознаена со материјалот, којшто, според мене, не беше адекватен за некои од одделенијата. Второ, запознав секаков тип на ученици, а со тоа се провлекува и секаков тип на родители. Трето и последно (ова е тема сама по себе послоевита и бара повеќе внимание, та затоа би застанала тука), е самиот став на денешните ученици кон образованието и нивната мотивација пред онаа на професорите. Да, имав одлични ученици кои секогаш беа подготвени да работат не само на час, туку и дома, но за жал имав и ученици кои ми превртуваа очи кога ќе им дадев задача за прв кондиционал. Бидејќи тоа ми е професија, а и верувам дека една од основните задачи на самиот наставник е да ги мотивира и инспирира учениците, постојано се трудев да ги правам часовите интересни, да зборувам за теми коишто би ги заинтригирале и општо воведував активности кои би им го зграпчиле вниманието. Но, некогаш тоа сепак не беше доволно. Како наставник си се потрудил да ги научиш и да им пренесиш нова информација што е можно подобро, но не си добил никаков фидбек. Можеби тоа е едно нешто што ги демотивира другите мои колеги и тоа можам сосема да го разберам. Исто така, наставниците и професорите често го слушаат оној муабет „Знаеш кој сум јас? Знаеш кој ми е татко?“, што е индиректна закана кон самиот просветен работник. Но, од друга страна да не ги заборавиме и оние наставници/ професори, кои без никаква причина, едноставно не знаат да си ја вршат работата. Ги има многу и најискрено сметам дека таквите коиошто често се изживуваат на ученици или студенти патат од некој комплекс, кој можеби се должи на некои лични уверувања или на системот. Често во оваа сфера се вработуваат и индивидуи кои не се квалификувани за да бидат на таа позиција, но книшката гори во џебот, па мора да се искористи некако.

Едноставно, кога зборуваме за образование, мора да се земат предвид многу фактори кои меѓусебно се поврзани. Најважното е веќе и воочливо и лесно може да се констатира – ни фали добар кадар (читај: мотивиран), малку повеќе отвореност и заинтересираност, а помалку политика, кога станува збор за едукација.

ЗДРАВСТВО – бидејќи ова не е моја специјалност, не би се задржувала толку многу како во претодната точка. Кога ги добив одговорите на Инстаграм, повеќето, ако не и сите, се однесуваа на моменталната пандемија и вирус. Младите не изразија толку критика кон докторите, колку што изразија кон сограѓаните. „СЕБИЧНИ ГРАЃАНИ“ – можеби го прочитав неколку пати. Зошто ли сме толку себични и не се придржуваме на мерките (дали тие биле во ред или не)? Зарем за нас не важи законот? Зарем тука повторно не’ кочи македонскиот менталитет и необразованост, што дури се игнорира и постоењето смртоносен вирус?! Повторно би рекла сето тоа се должи на нашата неинформираност и тврдоглавост. Оној што е себичен гледа само за себеси, а не за доброто на мнознството, а на жалост мнозинството во оваа држава е себично – според тоа сами одлучете дали е така или не.

ПОЛИТИКА – последно, но не и помалку важно. Може да се зборува за поделеноста на партии во оваа држава со денови, но едно нешто е сигурно младите имаат проблем со неправдата и лажењето. Не само што овие „квалитети“ се основата на тоа како би можел да се преживееш тука, туку стануваат и навика. За да бидеш некој и нешто, ти треба име, врски и книшка, а не посветеност, работливост, знаење и талент. На се‘ се плука и тоа е суровата реалност.

„Не се цени туѓ труд“ – не се цени, зашто повеќето немаат слушнато за тоа. Во одговорите коишто ги добив поврзани со политика фрустрацијата беше токму во тоа што политиката е поважна од се’ – од културата, од надградувањето како личност, од здравјето на граѓаните, од желбите и потребите на истите, од образованието итн. Поделбата на народот е воочлива, а со тоа стануваме и мета и исмејување на сите други држави. До кога детето на Марија нема да си игра со детето на Стефанија само заради тоа што тие биле од две различни партии? Апсурно, но вистинито.

Сега единствено ни останува да се запрашаме, колку ние сакаме да живееме во држава каде секој има свое критичко мислење, а нема капка сочувство и емпатија, во држава каде се’ е „фушарко“ и според плукни-залепи метод, државава каде најкарактеристичниот став на граѓаните е „Епа тоа е, што ќе правиш?“ и држава каде неправедниот и необразованиот се оние кои лесно ја постигнуваат својата цел?

„Некако не се чувствувам сигурно во сопствената држава“ – беше еден од последните коментари кои ги добив и со тоа би сакала и да ја завршам оваа статија. Останува ние да се запрашаме – колку време ќе ни треба за да стигнеме до едно повисоко ниво и како би ја промениле ситуацијата во којашто сме сега? Јас ви ги претставив проблемите на младите, сега на вас преостанува да размислите за решение (доколку не сте веќе заминале од државава одамна).

Авторка: Дамјана Видическа, Хера Млади