Македонските власти не знаат како да се одбранат од руската пропаганда во медиумите

Во услови на нерегулиран онлајн медиумски простор во кој се појавуваат нови портали особено во периодот пред избори, подемот на сензационализмот и лажните вести се во пораст, а јавните гласила се соочуваат со потешкотии како на граѓаните да ја пренесат вистината. Лаги и манипулации за родово сензитивно образование шират групи на Фејсбук во земјава именувани како „Преземи одговорност“ и „Коалиција за заштита на децата“. Дел од нивните објави на социјалните мрежи периодов предизвикаа бурни реакции кај домашната публика. Oвие две групи кои вкупно бројат околу 12.000 следбеници, споделија видео со невистинита содржина во кое србинка по име Милка која живее во Германија вели дека таа била казнета од тамошната држава, бидејќи не се согласила нејзиното машко дете да носи женско здолниште на училиште што било задолжително. Видеото со жената кое предизвика реакции, за која пак подоцна се испостави дека не е србинка туку русинка вработена во хуманитарниот руски центар во Ниш, беше отстрането од Фејсбук токму поради лажните тврдења во него, меѓу кои и тоа дека западните вредности се лоши и штетни за луѓето. 25 минути истражува дали државата има капацитет да го спречи продорот на руската пропаганда, како да се сопре коруптивноста на медиумите која потекнува токму од нетранспарентниот статус на сопствеништвото на порталите, но и колкави се можностите да се подобри отпорноста од ширењето на лаги и невистини во јавноста. Гости во 25 минути се Александар Бајдевски, заменик министер во Министерството за информатичко општество, Катарина Синадоновска, претседателка на Советот за етика во медиумите и Бојан Кордалов, медиумски експерт.