Насилство врз новинарите во Србија, Црна Гора и Северна Македонија: Сами и незаштитени

ПИШУВААТ: Жарка Радоја, Биљана Секуловска, Весна Рајковиќ, Мила Радуловиќ

Да имаше волја, ќе се решеа сите случаи на напади врз новинари, вели Јелена Јовановиќ, новинарка од подгорички „Вијести“. Јелена Јовановиќ од август има повторно 24-часовна полициска заштита. Претходно, бидејќи и беше загрозена безбедноста, полицијата ја чуваше од крајот на ноември 2018 до мај 2019 година. „Сите напади или барем повеќето од нив се случија откако носителите на највисоките државни функции таргетираа новинар или медиум како неподобни“, вели нашата соговорничка, која е меѓу новинарите кои годинава беа физички нападнати, но и загрозени.

Новинарите и новинарките во Србија, Црна Гора и Северна Македонија ја делат истата судбина .Сè почесто се жртви на насилство, физичко, вербално, а во последните години се почесто им се закануваат преку социјалните мрежи. Една од нив е новинарката на весникот „Данас“ од Србија, Снежана Чонградин, која само во последниот месец е физички и вербално нападната поради работата со која се бави.

„Сведочам за тоа дека ниту еден од нападнатите и загрозени новинарки и новинари не знае до каде стигнале нивните пријави за насилството кое го доживеале, а уште потрагично е што повеќето од нив и покрај бројните пријави до надлежните органи, со месеци и години наназад  не се информирани дека постапките се откажани и дека нивното загрозување никогаш нема да биде предмет на разгледување и санкционирање“, рече таа.

Тања Милевска, дописничка на македонската државна новинска агенција МИА од Брисел, беше нападната двапати минатата година – на изборите во јули 2020 година и вторпат во декември, 2020 година. „Сега сум лута и гневна. Кога се случија овие напади, бев изгубена, изолирана, оставена сама на на себе. Во такви случаи, се прашувате дали навистина треба да пишувате за работите за кои јас пишувам, како што обично жената обично се преиспитува“, вели нашата соговорничка. Бројот на напади врз новинари и новинарки расте во сите три поранешни југословенски републики во последните години.

Во Србија има се повеќе синхронизирани тужби против одредени редакции

Бројот на напади врз медиумски работници во 2021 година, според податоците на Независното здружение на новинари на Србија (НУНС), е нешто помал во однос на претходната година. Сепак, според претседателот на НУНС, Жељко Бодрожиќ, таа информација треба да се земе со резерва.

 „Оваа година не е ништо подобра од претходната, затоа што и понатаму имаме уште бројни закани и притисоци, згора на тоа, во последните три недели, како што растеше еколошкиот протест (против рудникот за литиум во Србија), така се зајакнуваше и ударот врз новинарите, појаснува Бодрожиќ, истакнувајќи дека поради протестите, кои ги блокираа меѓународните патишта, автопатиштата и другите патишта во повеќе од 50 градови во Србија, на новинарите им беа напишани прекршочни пријави, кои потоа беа повлечени.

Од почетокот на годината, според НУНС, се забележани шест физички напади врз новинари, 87 притисоци и 42 вербални закани. И покрај некои чекори што ги презема Владата на Србија, како што е СОС телефонската линија отворена во март за пријава на напади врз новинари, ситуацијата на теренот не е значително променета. Впечатокот на медиумските здруженија е дека ваквите потези испраќаат сигнал до меѓународните организации и Европската Унија дека нешто се прави, додека на терен ситуацијата е речиси непроменета, ако не и полоша. Во прилог на тоа говори и случајот со уредничката на „Подринске новине“ од Шабац, Исидора Ковачевиќ, чија фотографија се појави во средината на декември по потерници со кои беше излепен целиот град.

„Власта е генератор на проблеми, односно високите, а и оние кои се пониски јавни функционери, кои од позиција на власт навредуваат, осудуваат, а  и во последно време криминализираат многу наши колеги и практично поттикнуваат разни ликови за да тргнат во напад на новинарите, бидејќи тие новинари, како што власта труби од речиси сите медиуми, работат против државата и нацијата. Сезоната на лов на таканаречените предавници и странски платеници е отворена, а во таа група има многу новинари, и оттука, бројките за напади и притисоци врз новинари во Србија се толку загрижувачки“, вели Бодрожиќ.

Годината во таа земја ја одбележаа и таканаречените СЛАПП, односно синхронизирани тужби на интересни групи и јавни личности против одредена редакција. Во Србија е актуелен случајот на Мрежата за истрага на криминал и корупција – „КРИК“, која во еден момент добивала по една тужба неделно. Вкупната вредност на 10-те постапки кои во моментов се водат против редакцијата, уредниците и новинарите е 90 милиони динари – што, како што наведуваат во редакцијата, е три пати повеќе од годишниот буџет на „КРИК“.

Во текот на годината беа направени обиди за измени и дополнувања  на два значајни закони –„Законот за информации од јавен карактер и медиуми“ и „Кривичниот законик“ во однос на унапредување на кривично-правната заштита на новинарите и медиумските работници. Сепак, медиумските и новинарските здруженија посочија дека дел од предложените измени отстапуваат од „Стратегијата за медиуми и правото на слобода на изразување“, па усогласувањето со владините претставници се очекува следната година.

За начинот на кој се водат судските постапки против оние кои ги загрозиле животите на новинарите во Србија, можеби најдобро покажува случајот со новинарот на порталот ziginfo.rs, Милан Јовановиќ, на чија куќа бил фрлен молотов коктел. Додека првостепената пресуда беше донесена на почетокот на 2021 година, Апелациониот суд во Белград го проби рокот за одлучување по жалбата на осудените, меѓу кои и поранешниот член на владејачката Српска напредна партија и поранешен претседател на Општината Гроцка, Драгољуб Симоновиќ. Повеќе од 20 години од убиството на уредникот на „Дневни телеграф“, Славко Чурувија, Специјалниот суд ја потврди пресудата од 2019 година и осуди четворица обвинети на вкупно 100 години затвор, но процесот се уште не е завршен бидејќи се чекаат жалби до Апелациониот суд.

Од почетокот на годинава во Црна Гора имало дури 25 напади врз новинари

Медиумската сцена во Црна Гора сè уште е под сенка на нерешените напади врз новинари и медиумските имоти, бидејќи во голем број на случаи извршителите и сторителите сè уште се непознати, а нападите врз новинарите особено се интензивираа во 2021 година.

Според податоците на Синдикатот на медиумите, само во 2021 година имало 25 напади врз новинари во земја која има околу 630.000 жители. Тоа е за 47 отсто повеќе отколку во текот на 2020 година, која ја одбележаа литии организирани од Српската православна црква поради „Законот за слобода на вероисповед“ и заминувањето во опозиција на Демократската партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ и формирањето на нова влада.

Од забележаните 25 случаи на напади врз новинари од почетокот на годинава, 20 се пријавени во полиција или полицијата постапувала по службена должност, а 10 добиле судски епилог. За четири прдмети се изречени пресуди со обвинителен акт.

Најстрога казна му е изречена на обвинетиот за напад врз главниот и одговорен уредник на неделникот „Монитор“, Есад Кочан, кој беше нападнат пред влезот на зградата во која живее. Повеќекратен повратник кој најпрвин вербално го нападнал, а потоа физички, е осуден на десет месеци затвор.

Сепак, се уште не  е расветлен ниту еден од најтешките претходни случаи, како што се убиството на косопственикот, директор и главен уредник на „Дан“, Душко Јовановиќ (2004), обидот за убиство врз новинарот на дневниот весник „Вијести“ и неделникот “Монитор“ врз  Туфик Софтиќ, (2007 година) и оној за новинарката на „Вијести“ Оливера Лакиќ (2018).

Црногорската полиција неодамна го уапси припадникот на Полициската управа Дарко Лаловиќ и уште едно лице под сомнение дека се дел од криминална група која организирала напад врз новинарката Лакиќ. Таа беше погодена во нога, пред зградата во која живее во Подгорица. Претходно беа уапсени две лица, а како што е соопштено од Обвинителството, мотивот бил „спречување на новинарката да истражува криминални организации на територијата на Црна Гора и нивни врски со криминални групи од регионот“. Обвинителите, меѓу другото, соопштија дека за убиството на Лакиќ била нудена сума од 150.000 евра.

Запрашан каква заштита може да очекуваат новинарите од полицијата, доколку постои можност тие да се и протагонисти на нападот, министерот за внатрешни работи Сергеј Секуловиќ вели дека се надева дека тоа е минато. На таа функција тој е од формирањето на новата влада во декември минатата година.

Повеќето од 92 случаи на напади врз новинари и медиумски имот во Црна Гора, од 2004 до крајот на 2019 година, никогаш не добија соодветен епилог. Одредени акции и најави на полицијата имаше и пред објавувањето на годишниот извештај на Европската комисија за Црна Гора, но без конечни резултати кога станува збор за процесуирање на овие случаи.

Освен несолидарноста на самите новинари во Црна Гора, од формирањето на новата влада во декември 2020 година, забележлива е практиката на  највисоките државни функционери дури и декларативно да ги осудуваат нападите врз оние новинари и медиуми кои се блиски до нив, како што укажуваат некои медиумски здруженија.

Сепак, по серијата напади врз новинари, новата влада ги прифати барањата на медиумските здруженија за воведување два нови члена во Кривичниот законик – спречување на новинарите во вршење на професионалната должност и напад врз новинари во вршење на професионалната должност, што може да резултира со казна од три месеци до пет години затвор.

Дискусиите за измените на законот во Собранието се во тек.

Во Македонија има се повеќе смртни закани на социјалните мрежи

Во последните три години (2019, 2020 и 2021 година) во Северна Македонија се пријавени вкупно 23 напади и закани кон новинари и медиумски работници.Во 2019 година имало само четири вакви инциденти, што значи дека во 2020 година нападите и заканите се трипати побројни, предупредува директорот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Драган Секуловски.

Иако е намален бројот на физички напади, загрижува фактот што на новинарите се повеќе им се закануваат со смрт, скоро секојдневно.

Институциите во Македонија главно молчат за напади и предупредувања.

Само еден случај годинава заврши со правосилна пресуда во корист на новинари кои беа изложени на закани. Емил Јакимовски е осуден на една година и осум месеци затвор, затоа што во 2020 година на апликацијата „Телеграм“ и се заканувал со смрт на заменичката-главна уредничка на порталот „А1он“, Мери Јордановска.

„Сметам дека во „Кривичниот законик“ треба итно да се воведат казни за онлајн насилство, особено кога се работи за смртни закани, бидејќи ние како новинари не смееме да бидеме исплашени и оневозможени да не можеме да си ја вршиме работата“, вели Мери Јордановска.

Останатите 22 случаи немаат судски епилог .„Неказнувањето на сторителите на новинарите останува проблем, некаде во триаголникот МВР, обвинителството, судството – едноставно нешто не функционира“, изјави Младен Чадиковски, претседател на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).

Тој особено укажува на двојните стандарди кога се во прашање политичарите и новинарите.

Потсетува дека барањето на новинарите да им се исплати отштета за претрпениот страв и уставно загарантираното право за информирање на јавноста беше одбиено, бидејќи државата не ги заштити кога тогашната опозиција беше нападната во Собранието во 2017 година во случајот познат како „Крвавиот четврток”. Кога политичарите се нападнати, насилниците завршуваат во затвор“, вели тој. „Кога се напаѓаат политичарите, сторителите завршуваат во затвор“, вели тој.

Чадиковски вели дека од Обвинителството побарале формирање на Специјално одделение кое ќе процесуира само кривични дела кои се однесуваат на насилство врз новинари и додава дека имаат ветувања дека работната група би можела да почне со работа следната година.

Случајот со Томислав Кежаровски покажува дека надлежните органи целосно ги игнорираат барањата на новинарите и медиумите. Целата новинарска јавност застана зад него, но тоа беше залудно. Во 2013 година доби казна притвор скоро две години, поточно 22 месеци ( 5 месеци во затворот „Шутка“, а година и седум месеци во домашен притвор ), но потоа, на почетокот на 2015 година, еден месец помна во затворот „Идризово“, сето тоа за време на поранешното владеење на Никола Груевски. Времето поминато во притвор го нарече „живот во кутија“, што е наслов на книгата што ја објави за деновите во притвор.

Тој е прогласен за виновен затоа што во текстот од 2008 година го открил идентитетот на заштитен сведок во случајот со убиството на велешанецот Лазе Милошовски. Неговите адвокати тврдеа дека во моментот кога бил откриен неговиот идентитет, тој воопшто не ни бил во статус на заштитен сведок,а по објавувањето на текстот доби статус на заштитен сведок, додека самиот сведок подоцна изјави дека полицијата го принудила да сведочи лажно.

Се уште не се разјаснети околностите под кои загина Никола Младенов, сопственикот и главен уредник на неделникот „Фокус“ ​​во 2013 година, во времето на владеењето на Груевски. Надлежните тврдат дека тој загинал во сообраќајна несреќа, а автомобилот беше пронајден во близина на Скопје, со помош на неговиот мобилен телефон, кој, сепак, мистериозно исчезна после тоа.

Живот со закани и обезбедување

Нашата соговорничка Тања Милевска, дописничка на македонската државна агенција МИА од Брисел, е една од новинарките на кои постојано им се закануваат со смрт на социјалните мрежи во С. Македонија, а таа сега без страв зборува за тоа.Фактот што не живее во С. Македонија и дава поголема независност, објективност и слобода.Но сепак, таа е една од метите за закани, навреди, говор на омраза.

Заради тоа,  добила психолошка и правна помош од белгиската организација на новинари. „После тоа никогаш повеќе не се чувствувате виновни кога ја вршите работата онака како што треба“, вели нашата соговорничка.

Снежана Чонградин, новинарка од Србија, вели дека не знае што се случува со нејзините пријави и дека е оставена на заштита на редакцијата, пријателите и сите други кои сочувствуваат, како и на сопствените проценки за тоа колкав и е степенот на закана, поради соодветниот одговор на државата.

Јелена Јовановиќ од Црна Гора вели дека животот со полициско обезбедување е се, освен нормален. „Свесна сум дека има мала веројатност дека воопшто би била жива, доколку не ме штитат 24/7 и благодарна сум им за тоа“, заклучува таа.

Сите три земји – Србија, Црна Гора и Северна Македонија – се на средината кога станува збор за индексот за безбедност на новинарите. На скала од еден до седум, Северна Македонија е рангирана на 3,93, Црна Гора на 3, 59 и Србија – 2, 95, врз основа на податоците собрани од мрежата на медиумски здруженија Safejournalist од регионот.

Овој текст е изработен во рамките на регионалната програма „СИЛНИ – Медиуми без омраза и дезинформации“ које финансиски поддржан од Европската Унија.Содржината е единствена одговорност на авторите и медиумите во кој е објавен („25 минути“) и не ги одразува нужно ставовите на ЕУ.