Родовата еднаквост не се очекува во наредните 60 години, предупредува студијата
Според последниот извештај за родовата еднаквост објавен од Европскиот институт за родова еднаквост (EIGE) во четвртокот (29 октомври), со сегашното темпо на подобрување, жените ќе достигнат целосна еднаквост со мажите во 2080 година во ЕУ Агенцијата на ЕУ предупреди дека напредокот во однос на родовата еднаквост во ЕУ е премногу бавен – и главно го водат само неколку земји. „Сега постои реален ризик дека пандемијата на Ковид-19 ќе го забави напредокот во родовата еднаквост уште повеќе и потенцијално ќе не врати наназад“, рече директорот на EIGE Carlien Scheele. Додека жените го сочинуваат мнозинството на работници за грижа на лица, некои од најпотценетите и најниско платените работни места, тие исто така ги сработуваат и најголемиот дел од домашните обврски.
Scheele исто така рече дека при креирањето на плановите за обновување поради Ковид-19, креаторите на политиките треба да извлечат поуки од економската криза пред една деценија, кога мерките за штедење ги погодија жените, кои имаат тенденција да бидат посиромашни како и повеќе да се потпираат на јавните услуги. Во органите за донесување одлуки за справување со пандемијата во голема мерка недостасуваа жените. Во извештајот се вели дека пандемијата е „повик за будење“ за родова еднаквост во Европа, посочувајки на нееднаквостите кои се земаат здраво за готово, како што се недостиг на мажи во секторот за згрижување, зголемување на семејното насилство врз жените за време на карантинот, или доминација на мажи во секторот за информатичка и комуникациска технологија (ИКТ).
Жените се на само две од десет работни места во ИКТ секторот, додека споредбено, само 15 проценти од работниците кои даваат услуги за згрижување се мажи. Пандемијата претставува „сериозна закана за кревките достигнувања направени во текот на изминатата деценија“ во родовата еднаквост, се вели во извештајот. Според Scheele реакција кон родовата еднаквост и „т.н. анти-родови кампањи“ во некои делови на Европа се уште една причина за загриженост. Извештајот се појави во моментот кога полските жени беа нападнати од толпи затоа што протестираа против неодамнешната одлука на уставниот суд која во суштина ги забрани сите легални абортуси. Конзервативните влади во Полска и Унгарија се спротивставија на она што тие го нарекуваат „родово-идеологија“ и или одбија да ја ратификуваат или се заканија дека ќе се повлечат од конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство.
Моќта помага
Годишниот извештај на агенцијата на ЕУ го мери напредокот на родовата еднаквост во ЕУ, заснован на разликите меѓу жените и мажите во различни области, вклучувајќи работа, пари, поделба на време, моќ и здравје. Шведска, Данска и Франција се најуспешни во родовата еднаквост, а Шведска и Данска ги држат првите места од 2013 година. Најголем напредок е постигнат во Италија, Луксембург и Малта. Грција, Унгарија и Романија заостануваат зад остатокот од ЕУ, со тоа што Унгарија има најмала застапеност на жените во највисоките тела за донесување одлуки. Најмалку подобрувања во родовата еднаквост од 2010 година наваму се забележаа кај Унгарија, Полска, Чешка и Холандија.
Извештајот појаснува: подобрената родова еднаквост при донесување одлуки е главниот двигател на напредокот на ЕУ. Во истражувањето, доменот на „моќта“ – кој го мери ангажманот на жени и мажи во донесувањето одлуки во политиката, економијата, медиумите, истражувањето и спортот – претставува 65 проценти од целиот напредок од 2010 година, но сепак останува доменот со најниска стапка на еднаквост.
„Товарот на неплатената работа во домот, поделбата на работните сектори, алармантниот број на насилни акти против жените и недостатокот на жени во лидерски улоги нема да се решат сами“, рече европратеничката Евелин Регнер, претседател на комитетот за правата на жените во Европскиот парламент.
„Потребна ни е акција од сите земји на ЕУ и потребни ни се обврзувачки мерки. Квотите кај одборите на компаниите имаа најголемо влијание врз унапредувањето на родовата еднаквост“, рече австриската европратеничка, додавајќи дека и жените треба да бидат повидливи. Комисијата на ЕУ планира да ги оживее задолжителните квоти на жени во одборите на компаниите, како и обврзувачки мерки за транспарентност на платите оваа година.
Превод: Рушка Бабиќ