Хрватска: Започна кампањата против онлајн насилство врз жените

Од почетокот на овој месец, B.a.B.e. и Агенцијата за електронски медиуми почнаа со спроведување на кампањата за подигање на јавната свест за родово базирано онлајн насилство врз жените.

Онлајн насилството врз жените е една од најзастапените форми на родово базирано насилство и ги погодува жените несразмерно, со потешки последици од мажите. Тоа може да се дефинира како употреба на компјутерски системи и модерна комуникациска технологија како средство за извршување насилство врз жените што доведува до различни форми на неимотна и имотна штета.

Се проценува дека секоја десетта жена (на 15 години) се соочила со насилство на интернет. Жените ширум Европа, вклучително и во Хрватска, се погодени од објавување, манипулирање или закани дека ќе бидат објавени нивни интимни видеа и фотографии без согласност, следење (“stalking”) на интернет, вклучувајќи несакан контакт и објавување лични податоци без согласност, принуда да се обезбедат интимни видеа и фотографии, па дури и закани со силување. Сторителите најчесто се поранешни партнери или непознати лица.

Иако за луѓето кои се соочуваат со насилство на интернет има поголема веројатност дека ќе се соочат со стигматизација, недоразбирање и осуда на околината, оваа кампања има за цел да ги освести дека не се сами и дека имаат различни форми на поддршка и заштита кога го пријавуваат сторителот и кога му се спротивставуваат, како на пример платформата NEON (Ne Online Nasilju) која нуди бесплатно правно и психолошко советување, изјави Шарчевиќ, координатор на проектот SURF и SOUND имплементиран од B.a.B.e. во партнерство со АЕМ.

Целта на националната кампања е да ги смени негативните трендови, да го зголеми разбирањето и солидарноста и да ги охрабри луѓето кои се соочуваат со насилниците да пријават насилство, и дека можат да сметаат на поддршка. Националната кампања за подигање на свеста се спроведува во рамките на проектот SURF and SOUND, кој има за цел да се бори против родово базираното насилство врз жените преку подигање на свеста за проблемот, зајакнување на капацитетите на експертите и обезбедување директна поддршка на жртвите, а е кофинансиран од Европска унија и Град Загреб.

 

Source Vox Feminae