25 минути: Зошто огромно мнозинство од Македонците верува во теории на заговор?

Теориите на заговор за начините на кои се пренесува вирусот КОВИД-19, или пак дека е создаден во лабораторија се прифатени од повеќе од половина од граѓаните кои живеат во Северна Македонија. Овој шокантен резултат кој е опасен за едно плурално демократско општество е само дел од последните истражувања на јавното мислење кои покажаа дека народот нема доверба во политичарите, институциите и науката, а верува во теориите на заговор. Зошто е тоа така и кој е виновен за ваквата општествена состојба е дилемата која е во моментов актуелна.

Околу 72% од Македонците сметаат дека светот го водат неколку моќни семејства, а 65% се убедени дека КОВИД-19 е креиран во лабораторија со цел да се контролира човештвото на глобално ниво. Ова се резултатите од анкетата на Институтот за демократија во која беа вклучени 1000 испитаници во периодот од 10 до 25 јуни оваа година.

Гости во 25 минути беа Миша Поповиќ, Институт за демократија, Снежана Трпевска, експерт за медиуми, Бојан Кордалов, комуниколог и Зоран Стевановски, консултант и поранешен новинар во Би-Би-Си во Лондон, Велика Британија.