Недела на гордоста- борба за правата наспроти неказнивоста на насилствата
Социолошки, филозофски или политички, било како да го анализирате одржувањето на една Парада на гордоста, фактот е еден. Се работи за луѓе кои излегуваат на улица за да побараат права кои во суштина треба да им се основни, да можат да живеат така како што се чувствуваат почитувајќи ги законите кои важат за секоја личност.
Под мотото „Горди и гласни“ на 24 јуни во Скопје ќе се одржи четвртиот Прајд во државава. Настанот ќе започне во 19 часот со поздравни говори и ќе продолжи со протестен марш кој ќе биде обоен со боите на виножитото на улиците од Жена Парк, преку Рекорд, владината резиденција (Влада) сè до стадионот на АРМ (Стадион на АРМ).
Програмски, Парадата ќе биде слична на минатогодишната. Она што е различно сега е амбиентот во кој ќе се одвива, вели за 25 Минути, Ирена Цветковиќ од Коалиција Маргини, алудирајќи на религиозните и конзервативните лидери.
Гости во 25 минути се Ангел Димитриевски и Ирена Цветковиќ од Организацискиот одбор на Недела на гордоста, Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика, и од Љубљана, Словенија, Леа Ајмард од „Транс акција“.