Талибанците ги прекинаа авганистанките кои протестираа во знак на поддршка кон жените во Иран
Група жени во главниот град на Авганистан, Кабул, во четвртокот организираа демонстрации за поддршка на протестите во Иран, пред да бидат насилно растерани од талибанските власти.
Протестот бил организиран во исто време кога продолжија протестите низ многу градови во Иран поради смртта на младата жена, Махса Амини, додека беше притворена од „полицијата за моралност“ во Техеран поради неправилно покривање на косата со хиџаб.
Сведоците во Кабул изјавија дека околу 30 активистки со хиџаб се собрале пред иранската амбасада извикувајќи „Жени, живот, слобода“ – слогани користени за време на иранските протести. Активистките држеле и транспаренти на кои пишуваше: „Иран воскресна. Сега е наш ред!“ и „Од Кабул до Иран – кажи не на диктатурата!“
Талибанските безбедносни сили ги искинале транспарентите пред да започнат со пукање во воздух за да го растераат собирот. Организаторите подоцна изјавиле дека демонстрациите се одржале за да се покаже „поддршка и солидарност“ со иранскиот народ и жените во Авганистан.
„Сигурни сме дека еден ден нашиот народ ќе се крене на ист начин како и иранскиот народ“, рече демонстрант кој сакаше да остане анонимен.
Откако се вратија на власт пред една година, исламистичките талибанци им наложија на жените да ги покриваат лицата во јавност и им порачаа на многу вработени во јавниот сектор да останат дома. Исто така, талибанската влада бара од жените да не одат на долги патувања, освен ако не се придружени од близок машки роднина. Во моментов, на женската популација во Авганистан и е забрането да посетува средно образование над шесто одделение.
Ограничувањата ги налутија активистите и студентите и поттикнаа немилосрдни меѓународни повици до Талибанците да ги олеснат доколку сакаат нивната влада да биде официјално признаена. Исламистичките владетели тврдат дека ограничувањата се во согласност со авганистанската култура и исламските принципи.
Протестите во Иран се проширија во најмалку 80 градови и населени места. Безбедносната полиција употреби солзавец, палки и, во некои случаи, боева муниција за да ги смири протестите со кои се бара крај на повеќе од четири децении на власт на исламскиот естаблишмент.
Иранските државни медиуми соопштија дека 41 лице, вклучително и припадници на полицијата и провладината милиција, се убиени за време на протестите, иако иранските групи за човекови права објавија дека бројот на жртви е поголем.