Во пресрет на 21-то издание на OFFest: Промоција на првата дискографска објава на Пијан Славеј

Во пресрет на 21-то издание на фестивалот OFFest кој ќе се одржи од 1 до 4 јуни, Скопскиот џез фестивал Ве поканува на промоција на новото издание на SJF Records – првата дискографска објава на Пијан Славеј оваа среда во Макка бар, со почеток во 20:00 часот.

„Деби изданието на Пијан Славеј се состои од 5 композиции, во вкупно времетраење од 18 минути. Автор на текстовите и музичката скица е Пијан Славеј (Бранислав Николов), а аранжманите и музиката во поширок контекст се дело на групата. Гостуваат: Сара Мејс (харфа), Петар Христов (кларинет) и Никола Ристановски (глас). Песните се снимени, миксани и продуцирани од Ивица Јанкуловски во скопското студио „Алшар“. Дизајнот на омотот е дело на Александар Поповски. Извршен продуцент на изданието е Оливер Белопета.“

„Изворната идеја на овој проект беше да се презентира поконкретна музика со поетски сензибилитет на една нова македонска шансона. А потоа, тоа стана импулс за послободна и поширока групна интерпретација, градба и наслојување. Сега, сè повеќе доаѓа до израз развивањето на инструменталното ткиво врз зборовната коскеност. Од нежен ламент до крик – чувството на изолираност и загуба како нов духовен пејзаж, но и потребата од вистинскиот уметничи допир и преживување, се суштинскиот драјв на оваа музичка експресија што постојано се трансформира во потрага по сопствен природен глас.“
Source DW