Како пандемијата предизвика европска револуција во велосипедизмот
Од Букурешт до Брисел и од Лисабон до Лион, пандемијата предизвика невидени инвестиции во велосипедизам низ Европа.
Повеќе од 1 милијарда евра (907 милиони фунти; 1,1 милијарди американски долари) се потрошени на инфраструктура поврзана со велосипедизам, а од почетокот на пандемијата направени се нови велосипедски ленти во должина од 2.300 километри (1.400 милји).
„Велосипедизмот излезе како голем победник“, вели Џил Ворен од Европската велосипедска федерација со седиште во Брисел. „Ова време ни покажа каков потенцијал има велосипедизмот за да ги промени нашите градови и животи.“
Но, за што се потрошени сите овие пари? И какви можат да бидат долгорочните ефекти на оваа инвестиција? Еве што направеле овие четири големи градови.
Миланo го менува правецот
„Се обидувавме да изградиме велосипедски ленти и претходно, но возачите на автомобили протестираа“, вели Пјерфранческо Маран, заменик-градоначалник на Милано за урбанистичко планирање, зелени области и земјоделство. „Некој ми рече:„ Ти требаше коронавирусот за да ги [воведеш] тука!“
Овој индустриски центар во северна Италија беше еден од првите градови во Европа што инвестираше во велосипедизам како начин да ги натера луѓето повторно да се движат. Направени се нови 35 км за велосипедски патеки, иако многу од нив се привремени.
„Повеќето луѓе што сега возат велосипеди, порано користеа јавен превоз. Но, сега им треба алтернатива“, вели Маран. „Пред Ковид имавме 1.000 велосипедисти [на главната шопинг улица], сега имаме 7.000.“
Но, овој пораст на популарноста изврши притисок врз многу бизниси кои работат со велосипеди.
Алесандро, млад чирак кај 92-годишниот производител на велосипеди Пепино Драли, вели дека тие го отвотиле нивниот бизнис на почетокот на мај. „Луѓето стоеја на улиците со своите велосипеди во рацете и линијата беше веднаш зад ќошот“, се сеќава тој.
„Беше комплицирано да продолжиме да ги произведуваме нашите велосипеди; поради коронавирусот не можеме да најдеме голем дел од деловите“, додава тој.
И покрај зголемувањето на бизнисот, не сите се задоволни. Многумина сметаат дека промените не одат доволно далеку.
„Изградени се неколку ленти, но во споредба со потребата и неопходноста на овој град и волјата на луѓето, тие се само една капка во морето“, вели Ана Гермота, адвокат за животна средина.
Таа, како и многу други, верува дека ова е можност за редизајн на нашите градови за да бидат соодветни за сите велосипедисти.
„Коронавирусот е момент во кој секој креатор на политика може да направи промени во својот град“, смета таа. „Немањето храброст да се направат промени сега, во ситуација во која имате некое време да ги подготвите луѓето за истите, може да биде навистина погубно.“
Во обид да ги подготви луѓето, регионалната влада во овој дел на Италија потроши 115 милиони евра за да поттикне пораст во велосипедизмот. Владата вети субвенции до 500 евра доколку граѓаните сакаат да купат нов велосипед или електричен скутер во обид да го намалат бројот на луѓе коио би користеле јавниот превоз или би возеле автомобили.
Париз води во тој процес
На повеќе од 800 километри, заменик градоначалникот на Париз Дејвид Белиард зборува за голема трансформација во главниот град на Франција, со вложени 20 милиони евра од почетокот на пандемијата. „Тоа е како револуција“, вели тој. “Најиконската промена е на препознатливо фреквентната улица Rue de Rivoli, која се протега низ целиот Париз, од исток кон запад. Некои делови од овој пат сега се сега целосно без автомобили. Колку повеќе им давате простор на велосипедистите, толку повеќе тие ќе го користат.”
Бројот на велосипедисти се зголеми за 27% во споредба со ова време минатата година. Ова делумно се должи на обемниот пристап на француската влада, која нуди субвенција од 50 евра за трошоците поврзани со поправки на велосипеди. „Сега се чувствувам како да сум во рајот“, вели Реми Дунојер, механичар за велосипеди во центарот на Париз. „Навистина станува многу популарно.“ Неговата продавница за поправки на велосипеди остана отворена во текот на целиот карантин и, додека другите другите бизниси отпуштаа дел од персоналот, неговиот тим се прошири. „Моравме да ангажираме повеќе вработени само заради потребата од поправки“, објаснува тој.
И во обид да воспостави велосипедска култура тука, владата нуди и бесплатни часови за велосипедизам. „Секоја година имаме околу 150 возрасни лица кои учат да возат велосипед, а сега ова бројка се дуплираше“, вели Joël Sick, наставник во Maison du Vélo, на брегот на реката Сена.
Тешка битка во Брисел
Во Брисел, поставени се нови 40 километри за велосипедски патеки долж некои од најфреквентните патишта во градот.
Со цел да се ослободи простор за да може да се почитуваат правилата за растојание, постои зона каде пешаците и велосипедистите имаат приоритет пред автомобилите. Ограничувања на брзината на возење се исто така повторно воведени низ целиот град.
Уште во април, регионалната министерка за транспорт Елке Ван ден Брант им напиша отворено писмо на жителите во кое ги замолува да избегнуваат јавен превоз. „Гужби во автобусите во утринските часови дефинитивно не е она што го сакаме“, рече таа. „Единствената алтернатива ќе биде да се замолат луѓето да возат автомобил. Тоа не е решение.“
И се чини дека најновите мерки ги охрабрија луѓето да почнат да возат велосипеди. Бројката на велосипедисти се зголеми за 44% во однос на минатата година. „Сега сите имаат велосипед“, вели Дијана, која чека во редица пред продавницата за поправки. „Имав велосипед уште пред кризата, но сега го користам секој ден.“
Но, имаше и непредвиден предизвик како резултат на пандемијата. „Си замислив како купувам прекрасен нов велосипед и кацига во иста шара… но немаше велосипеди“, објаснува жителката на Брисел, Веселина Фотева. „Сакав да нарачам еден, но тие ми рекоа дека ќе треба да почекам најмалку два месеци.“ Таа се пресели во Брисел две недели пред почетокот на пандемијата и го виде градот како се менува пред нејзините очи. „Одлучив дека сакам да ги преземам сите мерки што можам да останам здрава и да го избегнам јавениот превоз.“ Неможејки да купи нов велосипед, г-ѓа Фотева започна да користи Swapfiets.
„Нашиот бизниз во Брисел се зголеми за 60% за време на карантинот“, вели неговиот основач Ричард Бургер. „Милано и Париз имааа големи инвестиции во инфраструктурата за ова време, така што наредно таму ќе отвориме продавници.“
Велосипедизмот расте во Амстердам
За разлика од повеќето големи градови, Амстердам веќе имаше инфраструктура за велосипедизам долго пред пандемијата. Холандската престолнина има повеќе велосипеди отколку луѓе и 767 км добро воспоставени ленти за велосипеди. Но, влијанието на коронавирусот врз урбаната мобилност е далекусежно, па имаше влијание и овде. „Беше лудо да се види како она што мислевме дека ќе се случи во следните 10 години, одеднаш се случува за три до шест месеци“, вели Тако Карлие, чиј бренд на електрични велосипеди „Ван Муф“ продаде повеќе велосипеди во првите четири месеци од 2020 година отколку во претходните две години.
„Луѓето видоа колку може да биде поубав нивниот град и колку подобро ќе се живее со повеќе велосипеди и помалку автомобили“, вели Карли. „Сега тие не сакаат да се вратат назад. “
Електричните велосипеди се сега најчесто продаваниот вид на велосипеди во Холандија. И кај продажбата на карго велосипеди има зголемува, за 53% повеќе од почетокот на пандемијата. Џудит и Јохан Хартог ги купија своите карго велосипеди уште на почетокот на карантинот. „Не се чувствував дека можам да користам јавен превоз, и затоа сега беше вистинското време да набавам карго велосипед“, вели Џудит. Тие сакаа да го заштитат своето семејство од ризиците што ги носи јавниот превоз, вели таа, и како и многу други тие вложија дел од своите заштеди за да купат велосипеди, кои доколку не се случеше пандемијата, немаше да ги користат.
Многу градови се подготвуваат за неизвесната иднина – несигурни дали стариот начин на живеење повторно ќе биде возможен. „Пандемијата навистина многу брзо ја менува перцепцијата“, вели Џил Ворен од Европската велосипедска федерација. Возењето велосипед се покажува како решение за се повеќе луѓе. Но, прашањето е дали тие ќе го продолжат тоа откако ќе се смири стравот од коронавирус и дали користењето на велосипедот ќе остане навиика.
„Потребна е политичка волја, потребни се инвестиции, потребен е активизам од страна на граѓаните кои го сакаат тоа“, тврди г-ѓа Ворен. И таа верува дека ќе треба храброст од политичарите за промените да опстојат.
Превод: Рушка Бабиќ