ХЕРО(ИНА) на месецот: Данче Азманова Мирчевска

Во Мрежа Стела веруваме дека зад секоја жена стои приказна која заслужува да се слушне. Нашата посветеност да ги промовираме приказните за жените, нивните борби, триумфи и неверојатните патувања на кои тие тргнуваат е непоколеблива. Преку овие приказни, имаме за цел да ги инспирираме и да ги поттикнеме другите, докажувајќи дека препреките може да се прескокнат, таваните да се урнат и да се остварат соништата.

Како дел од нашата тековна иницијатива да ги засилиме гласовите на хероините во нашата заедница, воодушевени сме да ја претставиме нашата прва ХЕРО(ИНА), иницијаторот чија приказна ќе запали искра во вашето срце.

Во следните месеци, ќе прикажеме серија интервјуа и блогови, од кои секој ќе ги истакнува извонредните патувања на жените кои оставиле свој белег на различни полиња, отворајќи го патот за другите да го следат.

Нашата прва ХЕРО(ИНА) – Данче Азманова Мирчевска е контент креаторка и основачка на платформата Working Mom каде што отворено зборува и споделува за кариерните предизвиците што ги носи бременоста, мајчинството и татковството. Таа е и ко-основачка на креативната бизнис иницијатива TrixieBox која што им овозможува на луѓето да најдат уникатни подароци за специјални пригоди на едно место.

Што ве мотивираше да го создадете ова мало катче?

Една од главните причини за создавањето на Working Mom е предизвикување на вкоренетите општествени очекувања. Кога ќе станеш мајка, од тебе се очекува преку ноќ да заборавиш на своите кариерни амбиции, иако уште како дете ти си сонувала и напорно си работела да се реализираш во некоја област. Според мене, мајчинството не треба да ни биде изговор да престанеме да работиме, а уште помалку да ја изгубиме својата индивидуалност. И пред да имам дете имав свои амбиции, и сега кога имам дете имам амбиции, но со таа разлика што сега уште повеќе сум посветена да успеам и со жар си ја работам работата бидејќи треба да служам како пример за син ми, за тоа како изгледа една исполнета и реализирана личност. 

Навистина е тажно што општеството ги посочува со прст оние мајки што решиле да си го скратат породилното општество, за да се вратат на работа или пак воопшто не земале отсуство поради некоја причина. Токму Working Mom платформата служи како замолчување на луѓето што се мешаат во туѓите животи и осудуваат.

Дали се соочивте со бариери во текот на процесот?

Секако. Не се осмелував да ја објавам платформата, иако беше готова веќе 8 месеци претходно. Со месеци и месеци го одложував лансирањето. Го имав црвот на сомнежот што ми велеше дека никој нема да го чита тоа што го имам напишано, иако претходно имав креирано илјадници текстови за други компании што достигнале до 1 милион читаност по текст. Едноставно, сметав дека не сум доволно добра да започнам свој личен блог, иако имам 10 годишно искуство зад мене како контент креатор. Се плашев од неуспех. А реалноста беше дека немаше што да изгубам.

Секако, со неколкумесечна работа на себе со life coach успеав да го победам и импостер синдромот и конечно да го кликнам копчето „објави.” Сите мои нерационални стравови паднаа во вода само неколку дена по лансирањето, бидејќи платформата за кратко време доживеа вртоглав успех.

Моментално, најголем предизвик ми е како во 2-3 часа време за работа што ги имам на дневна база, да успеам да сработам сè, што инаку во просек би ми одзело 5-6 работни часа. Решението е – работа од кафич и силно, многу силно кафе.

Раскажете случка или искуство кое ви останало во сеќавање во извршување на секојдневите активности, спознавање на други личности,совети.

Кога ги читам сведоштва на другите мајки и татковци и изобилието од пораки што секојдневно ги добивам, знае понекогаш да ми потече и некоја солза бидејќи сфаќам дека некому сум помогнала да се чувствува помалку осамен во процесот на родителувањето. Сум им дала трошка надеж дека сè она што го чувствуваме ќе помине, дека ќе дојдат и подобри денови, дека ќе се стабилизира тлото под нашите нозе.

Колку во Македонија е дестигматизиран процесот бремена жена/жена со мали дечиња која работи?

За жал, во нашево општеството сè уште доминира (свесно или не) размислувањето дека на жената место и е во кујната, или евентуално нека работи по неколку часа дневно, а потоа правец во кујна или на гледање дечиња. Сметам дека има уште полни раце работа за кревање на свеста на оваа тема. За среќа, новите генерации на родители го менуваат овој наратив покажувајќи дека жените се подеднакво важни како дома така и на работното место. Токму платформата Working Mom им дава поддршка на новите генерации на родители со отворени умови, служејќи како безбедно катче кадешто ќе можат да ги споделат своите искуства.

Дали мажите го рушат стереотипот по оваа проблематика?

Апсолутно. Мојот сопруг Дејан е одличен пример за посветен сопруг, татко, личност што без приговор ги презема работите околу детето штом се врати од работа, кој станува навечер дури повеќе пати од мене и знае да смени пелена со брзина на светлината. Познавам голем број на посветени татковци како него. Тоа ми влева надеж. 

Што би промениле во системот како би можеле да им помогнете на родителите?

Секоја мајка да може да бира колку долго ќе ѝ трае породилното отсуство – дали 3 месеци, 15 месеци или само неколку седмици. Искрено, јас не би можела да се замислам да го оставам син ми 8-9 часа дома за да одам на работа. Сигурно би чувствувала огромна грижа на совест. Дури и кога накратко ќе излезам, со половина капацитет на мозокот мислам што прави, како е, дали јадел, дали заспал, дали плачел. За среќа, работам како фриленсер, онлајн, за себе, па не мора да размислувам на тоа.

Дали сметате дека со овој начин им пружате солидарност на жените, и на кој начин ја развивате подршката?

Поддршката е обострана. Ја започнав оваа платформа бидејќи ми требаа персонализирани ресурси за тоа како да се справам со кариерите предизвици за време на бременоста и мајчинството. Од една страна, луѓето што споделуваат искуства ме снабдуваат со овие ресурси, а од друга страна, јас овозможувам едно безбедно катче каде што секоја мајка или татко може да си ги сподели своите кариерни предизвици, искуство, научена лекција, подеми, падови. Ја користам и оваа прилика да упатам апел до вашите читатели што се заинтересирани да си го споделат своето искуство како working moms/dads, а досега немале каде да си го кажат маките, да ме контактираат на LinkedIn.

Колку е од важност ова прашање за родителите?

Низ овие редови текст покажуваме дека не сме сами и осамени во процесот на родителување, дека не треба да дојдеме до точка да избираме што сакаме повеќе – да бидеме мајка или да имаме блескава кариера. На некој начин, им ја давам на жените потребната издишка дека можат да бидат она што сакаат, она за коешто отсекогаш сонувале како деца, без да го занемарат своето дете и своите потреби. Затоа што, тоа е навистина возможно, секако со добар менаџмент на време, грижа за себе и со правилно поставување на приоритети и цели.

И како за крај, кои се вашите следни чекори? Дали имате инцијатива за кои би сакале луѓето повеќе да дознаат?

На почеток, сметав дека ова ќе биде само катче за размена на искуства од родители. Сепак, очигледно важноста на проектот беше препознаена и валидирана од публиката. Добив голем број на сугестии, да организирам персонализирани работилници низ компании што сакаат да ги поддржат и да вложат во своите колешки што се мајки на теми како менаџирање со време, воспоставување здрав баланс помеѓу работата и родителувањето, поставување цели и приоритети, грижа за себе и многу други. 

Дополнително, очекувајте и голем број на партнерства со општествено одговорни брендови што ја препознаа вредноста што платформата Working Mom ја носи на нивните потрошувачи. Сите брендови и компании што се заинтересирани за соработка, може да ме контактираат на мејл – workingmommk@gmail.com или на LinkedIn.

Овaa иницијатива е дел од проектните активности фокусирани на „Еднакви можности за девојчињата и младите жени во Северна Македонија”, проект кој го спроведуваме заедно со Националниот младински совет на Македонија. Проектот е финансиран од страна на Британската амбасада во Скопје, а целта е да ги поддржи и поттикне девојките и младите жени да бидат поактивни во општеството, да креира поеднаков пристап до можностите во јавниот живот, во приватниот сектор и во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво.