Го рестартиравме светот

,,Нашите животи, всушност, се само нејасни паузи помеѓу големите електрични игри на таткото Бог’’- напишал Јуџин О’Нил во 1928 година. Изминатите неколку месеци, светот искуси нов вид на пауза. По 100 години на светскиот репертоар се појави нов непријател заканувајќи се на нации ширум континентите.

Милиони беа затворени во нивните домови, досадувајќи или плашејќи се, со цел да го заштитат првенствено своето, а потоа и туѓото здравје. Прекинот на наставата, секојдневните прошетки и забави навистина воведоа нов правец на живеење. Полицискиот час, заштитните маски и малите гелови за дезинфекција станаа познат моден стил. Првите неколку недели стравот тлееше кај сите, тука беа постојаните информации на порталите и прес конферециите придружени со голем молк и внимание во семејствата. На еден начин светот кој го познававме, исчезна.

Неподготвени започнавме со домашната настава, телефоните постојано испраќаа нотификации потсетувајќи нѐ на проектите и есеите задолжени за оцена. Следуваа долги неспиени ноќи поминати пред Нетфликс, гледајќи ги омилените класици. Паузата од работните денови беше одмор кои дооолго време сите го одложувавме, иако беше неминовен во нашите макотрпни и понекогаш досадни животи.

Освен дневното читање на бројките, новинари насекаде започнаа свои емисии каде споделуваа позитивни приказни од луѓе наоѓајќи различни креативни начини да го пребродат COVID-19. Од гимнастика на врвот од висококатниците со станарите спротивно, приватни коцерти во сите домови одржани на крововите од шопинг центрите па до полициски офицери кои танцуваа на улиците забавувајќи ги околните граѓани, жителите ги освојуваа битките.

Вирусот почна да го забавува вртењето на планетата, сѐ до моментот кога времето застана. Времето застана за сиот свет, после стотици векови сите станавме обединети. Политичкиот свет и неговите манипулации го насочија мислењето кон непознатиот непријател кој се ширеше брзо и ги уништуваше дотогашните економски системи. Силата на човечката љубезност значи дека никогаш не сме сами. И токму тоа премиерите, претстедателите и кралиците го потврдија неколку недели по растењето на бројките.

Иако сме физички оддалечени, социјалните инстинкти се посилни од било кога. Докажавме дека кога би ги отстраниле работните места и социјалната поделба во општествата сите имаме заеднички основни потреби и цели. Со изолацијата, верувам дека многумина создадоа нова перспектива на живеење. Секој од нас барем еднаш, се помисли себеси и неговите одлуки во тогашната негова рутина. Можеби една од причините за овој рестарт на системот е преголемата брзина со која сите се движевме заборавајќи на вистинските барања и желби.

Можеби сепак луѓето нема го изменат целиот нивен начин на мислење, но нема одрекување дека овој вирус ќе биде запоменет и  врежан во историјата на човештвото. Со сигурност тврдам дека овој ,,почеток’’ ќе биде раскажуван уште генерации подоцна кога сведоците конечно ќе ја сфатат вистинската длабочина на оваа пандемија.

Авторка: Јулијана Ѓоргова,  Хера Млади