Зошто новостекнатите квалификации не ви гарантираат ново работно место

Пандемијата го засили долготрајниот наратив дека реквалификувањето е одговор на невработеност. Но, дали е тоа всушност лек за проблеми на работната сила?

Кога Лондон во март беше ставен под карантин, Балтасар Ромеро брзо сфати дека својата работа како менаџер за резервации може да биде во опасност. Тимот со кој управуваше беше намален од 10 лица на само едно, а неговите работни саати беа намалени за една третина.

„Беше јасно дека работата во хотелиерството ќе биде тешка во следните неколку години,“ вели 34-годишникот. „Во август, тие ја направија мојата позиција излишна. Така, само ме поттикнаа да направам радикална промена .“

Во септември, тој започна тримесечен курс за софтвер инженерство. Тој вели дека желбата за промена постоела веќе некое време, а пандемијата била притисокот што му бил потребен. Ромеро додава дека неговиот афинитет кон технологијата ја правеше оваа кариерата соодветна за него, а редовните повици од индустријата за повеќе програмери помогнаа да ја донесе оваа одлука.

„Се чини дека порано или подоцна сите треба да скокнат во оваа средина,“ вели тој.

Бидејќи пандемијата загрози милиони работни места и го забрза преобликувањето на целата индустрија, работниците ширум светот гледаат сигнали дека новите вештини ќе бидат клучот за стабилно вработување во „новото нормалa.“ На пример, во септември, премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, објави планови насочени кон реквалификација на работниците во форма на бесплатни курсеви на факултет, дигитални вештини и повеќе пракси за „подобра иднина по коронавирусот.“

Но, експертите велат дека нема поента милиони луѓе да се обучуваат во нови технички вештини, ако на крајот нема доволно работни места. „Може да биде добро за поединци, но не функционира како економска политика,“ вели Гордон Лафер, политички економист од Универзитетот во Орегон. „Секој пат кога има економски проблем, истото повлекува нови обукати…а тоа никогаш не било успешен план.“

Неколку месеци пред да започне пандемијата, 42-годишната Клер Винтерботом, од Лидс, започна со сопствената реквалификација. Таа зеде отсуство од својата работа како советник за долгови и реши да го искористи времето за да се преквалификува како програмер. Отсекогаш била заинтересирана за технологија, но исто така имала силна желба да ја „осигура својата иднина.“

Во јануари, таа започна да посетува бесплатен четиримесечен курс наменет за жени. На неа и беше кажано дека сите освен две лица од претходната група добиле работни места. Но, годинешниот курс заврши во април, на врвот на првиот бран на пандемијата, и скоро седум месеци подоцна само четворица од нејзината група од 16 лица најдоа работа во индустријата. Винтерботом вели дека не е изненадувачки бидејќи започнува рецесија, а побарувачката за нови програмери пресушува. „Вашата конкуренција се другите луѓе кои ја искористиле пандемијата за да научат како да програмираат. Значи, има повеќе луѓе со повеќе вештини, но има помалку работни места,“ додава таа.

Идејата дека несигурната позиција во која се наоѓаат работниците денес може да се реши со обука е особено нелогична, вели Лафер, кој студирал шеми за обука на работни места во САД од 80-тите години на минатиот век. Луѓето се без работа затоа што пандемијата затвори огромни делови на економијата, а не поради недостаток на вештини. „Ако некогаш обуката за работа би функционирала, тоа не е сега,“ вели тој.

Но, дури и пред пандемијата, наративот за реквалификација беше прилично нестабилен. Бидејќи силите на глобализацијата и технолошкиот напредок ги еродираа добро платените работни места на јака и рутинската работа во канцеларијата, владите редовно го промовираа тоа како решение. Логиката е дека бидејќи индустриите како производство опаѓаат додека други како ИТ се во бум, постои растечки јаз помеѓу вештините што им се потребни на работодавците и на работниците, особено во областите поврзани со НТИМ (наука, технологија, инженерство и математика). Изучувањето на вештини кои се во побарувачка, како што е програмирање, може да убие две муви со еден удар: задоволување на потребите на индустријата, додека им помага на работници да ја обноват својата кариера.

Но, доказите не го поткрепуваат тврдењето на „јазот во вештините.“

Поранешниот главен економист во Државниот секретаријат за труд во САД, Хајди Шиерхолц, истакна дека најјасен сигнал за ваков проблем ќе бидат професиите со комбинација на ниска невработеност и силен раст на платите, како одраз на конкуренцијата за оние со вештини кои се во побарувачката. Но, овој доказ постојано недостасува; во 2018 година, само професиите во правната област дојдоа блиску. Во реалноста, работодавците пријавуваат тешкотии при вработување затоа што платите што ги нудат не се совпаѓаат со вештините што ги бараат, вели таа.

Бројките упатуваат на прекумерна понуда на вештини, вели Хал Салзман, социолог од универзитетот Рутгерс. Во студијата од 2018 година, тој и неговите колеги покажаа дека само околу 60% до 70% од американските дипломирани студенти по компјутерски и инженерски работи наоѓаат работа во НТИМ, паѓајќи на меѓу 10 и 50% за оние кои студираат хуманитарни, општествени науки или природни науки. Една студија од Заводот за национална статистика објавена минатата година, изнесе слични докази во Велика Британија дека недостатокот на вештини не е проблем. Податоците покажаа дека 16% од работниците во 2017 година биле преквалификувани за своите работни места, што се зголеми на 31% за дипломираните студенти.

Лафер вели дека дел од проблемот е во тоа што работните позиции за коишто луѓето обично се охрабруваат да се преквалификуваат претставуваат мал дел од вкупните работни места и дека на многу места се користи технологија за автоматизирање на задачите за да се отстрани потребата од обучени работници.

BBC: The Life Project 

 

Source BBC