Камала Харис и комплицираната, обременета среќа на претставувањето

Иако сум Американка, како дете на индиски имигранти, никогаш не сум се чувствувала целосно прифатена, со повремено чувство на отуѓување што стана поакутно по 9/11, а се продлабочи со изборот на Доналд Трамп. Ниту црна ниту бела, додека бев девојче се борев да разберам како се вклопувам во расната хиерархија на Америка. Да бидете азиска Американка всушност значи дека ќе бидете перципирани како послушни, вредни, учтиви и политички незагрозувачки. Никогаш не замислував дека еден ден можам да го споделам сопствениот идентитет со политичар во Белата куќа, или што тоа може да значи за мене.

Но, откако Камала Харис беше номинирана за потпретседател, си дозволив да го замислам она што 13-годишното девојче не можеше: повторно погледнав клип од говорот на претседателската кампања на Харис, во кој таа ја опишува нејзината мајка Шјамала Гопалан, ситна индиска жена „Таа беше кафеава жена“, рече Харис. „Таа беше жена која, многупати, луѓето ја превидуваа или не ја сфаќаа сериозно. Или поради нејзиниот акцент, си дозволуваа да претпостават работи за нејзината интелигенција. Секојпат, мајка ми докажуваше дека не се во право.“ Описот, кој ме потсети на мојата мајка, за момент ме расплака.

Харис е одраз на Америка од која се плаши Доналд Трамп: Таа е дете на црно-кафеави имигранти, на татко роден во Јамајка и мајка родена во Индија, кои заедно протестираа како активисти за граѓански права. Во своите мемоари „Вистините што ги држиме во себе“, Харис напиша дека откако нејзините родители се развеле, нејзината мајка „знаела дека нејзината нова татковина ќе не гледа Маја и мене како црни девојки и беше решена да се осигура дека ќе прераснеме во самоуверени, горди, црни жени.“

Самата номинација на Харис е критика кон претседателот кој се обидува да ја „направи Америка одлична повторно“ охрабрувајќи ги белите врховисти и заштитувајќи ја Америка од лажната закана за инвазија на имигранти опишани како силувачи и криминалци. Ако кампањата на републиканците го претставува минатото на нацијата, благодарение на Харис, демократската кампања е всушност поадекватна за Америка каква што е во моментов.

Харис е добро запознаена со симболичната и историската природа на нејзината номинација, како што изрази на настанот организиран од непрофитна организација за азиско-американско застапување, One APIA Nevada, за време на нејзината претседателска кампања: „Јас честопати размислувам за оние нешта кои ги правиме за рушење на овие бариери, повторно, не само за личните достигнувања…Се работи за покажување кој сте и притоа комплетно редефинирање на она – што на кого му е дозволено да направи и начините на кои може да направи тоа.“

И покрај тоа што се согласувам со Харис, мојата способност да се пронајдам во нејзиниот идентитет предизвика и важни прашања за тоа како ја дефинираме застапеноста и што значи да се биде застапен. Кандидатурата на Харис ја осветлува комплицираната реалност за тоа како на црните и кафеавите жени се гледа како на политички симболи – од левичарска перспектива, како напредок, а од десничарска како закана – кои се појавуваат секогаш, особено ако се амбициозни, тогаш со себе носат и ризик. Како и многу жени со црна и кафеава боја на кожа, чувствата ми се комплетно измешани: Се борам со тоа како да ја балансирам мојата возбуда околу историската природа на нејзината кандидатура со мојата желба за радикални политички промени, нагласено со незадоволството дека постојам во политички систем каде застапеноста е толку ретка што се очекува да се чувствувам благодарна или задоволна што постои кандидатка која го дели мојот идентитет – или претпоставка дека, бидејќи јас учествувам во нечиј идентитет, ние имаме исти вредности.

Дури и во најразновидниот Конгрес досега, 78 проценти се бели, а 76 проценти се мажи. Јасно е дека постои систематска бариера која го блокира напредокот на жените, расните малцинства и другите маргинализирани групи, заедно со прашањата што им се важни – пратениците кои припаѓаат на малцинските групи честопати ги истакнуваат своите сопствени искуства и идентитети кои имале влијание врз нивните законодавни приоритети. Но, како што покажуваат истражувањата за жените во законодавните тела, овој вид на застапеност – она ​​што политиколозите го нарекуваат „описна застапеност“ – не мора да доведе до „суштинска застапеност“ – рушење на бариерите во овие заедници. Претставувањето на идентитетот има мало значење ако нема суштина и политички и социјален контекст што би ги зајакнал промените.

Политичарите исто така можат да се повикаат на идентитет за да го оправдаат угнетувањето врз самите заедници што тие тврдат дека ги застапуваат: Републиканците го користеа родовиот идентитет на Ејми Кони Берет за да ја унапредат агендата против абортусот и другите граѓански права што несразмерно ќе им наштетат на жените, хомосексуалците и транс-луѓето и луѓето во боја, особено кога нивните идентитети се пресекуваат. Ниту, пак, чувствувам какво било сродство, на пример, со републикански индиско-американски политичари како поранешниот гувернер на Луизијана, Боби Џиндал, поранешната амбасадорка на Трамп, Ники Хејли или поранешниот прес секретар на Белата куќа Раџ Шах – сите тие ги прекршија бариерите како индиско-американски политичари, но го сторија тоа на штета на луѓето во самите заедници од кои доаѓаме. Во август, кога Хејли се повика на своето индиско имигрантско потекло на RNC за да тврди дека Америка не е расистичка и Трамп „води нова ера на можности“, се чувствував згрозено и засрамено.

И така, како индиско-американска жена и феминистка, сведочењето на подемот на Харис носи комплицирана, оптоварена возбуда; вид возбуда што на моменти ја одржувам како акт на пркос, а други пати доживувам негирање, па дури и срам. Задоволство ми беше да ја гледам како трпеливо и маестрално да ги соборува неспособните бели мажи како Вилијам Бар и Брет Кавано со јасна, директна логика, кул однесување и лукава насмевка. И покрај тоа што е релативно помлад член во Сенатот, таа брзо се истакна како ѕвезда преку низа на истражувања што доведоа до откривачки сведоштва. Нејзиното дебатирање со Мајк Пенс беше особено значајно во поглед на демонстрацијата на динамиката со која се среќаваат црните жени на белите простори: Таа се соочуваше со постојани прекини од страна на Пенс и модераторката на дебатата која беше бела жена и му дозволуваше на него постојано да го прави истото, додека Харис остана подготвена и силна. А сепак, како одговор, Трамп ја нарече Харис „чудовиште“ и конзервативците го издвојуваа нејзиното однесување на истите предвидливи начини на кои црните жени секогаш се одделуваат. И, кога нејзиниот колега од Сенатот Дејвид Пердју намерно го извртуваше нејзиното индиско име – „KAH’-mah-lah? Ка-МА-ла? Камала-мала-мала? Не знам, сеедно“- како начин да ја делегитимира, мојот гнев кон Пердју стана личен. Однесувањето и очекувањата кои беа ставени во центарот на вниманието се нешта со кои многу црно-кафеави жени се соочуваат дневно, особено ако бараат моќ.

Но, не можам да игнорирам дека Харис ги усоврши своите вештини за дебата за време на долгата кариера како самопрогласен „top cop“ во Калифорнија, каде што се обиде да успее на два начина како „обвинител кој ги напаѓа криминалците и реформатор кој сакаше да ги намали стапките на затворање“, според Вашингтон пост. И додека таа навистина ги спроведуваше реформите што вклучуваа барања за обуки за имплицитната расна пристрасност, како и програма за обука за вработување со цел да се намали рецидивизмот, нејзиниот одраз е далеку од оној на „прогресивен  обвинител“ за кој таа се огласуваше за време на нејзината претседателска кампања: таа се трудеше да остави невини луѓе во затвор, одбиваше да започне истрага за престрелки, го криминализираше отсуството (truancy) на децата од училишатата, ја блокираше можноста за медицински зафати за промена на полот на транс-затвореници и стоеше зад законодавството кое ги загрозува сексуалните работници. Овие постапки предизвикале штета на безброј луѓе кои се непропорционално црни и кафеави, што сугерира дека Харис е поверојатно да стане „посредник околу политиките на Black Lives Matter“, наспроти силен поборник за движењето, како што и беше констатирано од страна на професорката по политички науки на отсекот афроамерикански науки на Пердју, Надја Браун.

Како Американка со индиско потекло, не можам да го занемарам фактот дека Харис потекнува од богато „Brahmin” семејство и дека мојата способност да се препознаам себеси во неа доаѓа од привилегирана позиција којашто ја немаат многу јужноазиски Американки. Додека Харис јавно го прифаќа своето индиско потекло, постојат сомнежи дали таа – која во 2017 година, го поздрави десничарскиот индиски премиер Нарендра Моди во САД – ќе го искористи својот индиски идентитет за да се бори против подемот на Хиндутва и злосторствата што Моди кои ги спроведува на заедниците на муслиманите, далитите и адивасите  – или пак ќе ги користи за нивното понатамошно легитимирање. Како што изјави Шармин Хосаин, политичкиот директор на јужноазиската група за застапување за човекови права Equality Labs – „таа се повикува на Индија кога тоа и се чини погодно“.

Џен М. Џексон, доцент по политички науки на Универзитетот во Сиракуза, напиша во Teen Vogue, „дури и покрај нејзините достигнувања кои се вредни за споделување во јавноста, номинацијата на Харис го предизвикува она што го знаеме за границите на застапеноста во американската политика. И покрај историската природа на нејзината кариера и номинацијата за потпретседател, не можеме да го изгубиме капацитетот да останеме критички настроени кон нејзиното минато.“ Јас учествувам во скептицизмот на критичарите на Харис и верувам дека мораме да се стремиме кон општество кое ги центрира маргинализираните гласови, барајќи одговорност од страна на политичари, без оглед на нивниот идентитет.

Прачи Гупта е наградуванa новинарка и поранешна репотерка за Jezebel. Нејзината прва книга за пратеничката Александрија Окасио-Кортез е достапна виа Workman Publishing.

Прочитајте го целиот текст тука.

Source Jezebel