Лице в лице: Повик за дизајн на новогодишна честитка

Списанието „Лице в лице“ објави повик за дизајн на новогодишна честичка од страна на креативни дечиња до 12 години. 

„Лице в лице“ е единствено улично списание во земјава. Списанието е дел од платформата за активизам, во чии рамки се одвиваат низа активности за зајакнување на ранливите групи луѓе во нашето општество, за демаргинализација и промоција на добри, одржливи и корисни практики. 

„Драги пријатели,

Ова е година полна предизвици… нѐ задржува да останеме дома, со цел да го заштитиме сопственото и здравјето на блиските. Но, ајде тоа време да го исполниме креативно и забавно! Можеме да помогнеме во тоа!

За сите деца до 12 години организираме повик за дизајн на Новогодишна честитка, која ќе ги впие најубавите желби и замисли за следната година! 

 Вашите дизајни/цртежи/креации (во скенирана форма), можете да ги испраќате на мејлот: licevlice@public.org.mk, а за најдоброто решение ќе одлучува тим од дизајнери и фотографи, но, и публиката на „Лице в лице“.

Финалниот избор ќе има можност да биде објавен на страниците во декемвриското издание на „Лице в лице“, а галерија од пристигнатите решенија ќе објавиме на дигиталната платформа, (достапна на kupi.licevlice.mk).

Трите, пак, најдобри решенија ќе добијат и годишна претплата на „Лице в лице“.
Во овој поход ни се придружува и издавачката куќа Literatura.mk, која првите петмина ќе ги награди со книги од својата понуда за детска литература. 📖

Драги родители и наставници, тука и вие сте на потег!  Информирајте ги вашите деца и ученици за овој повик, поттикнете ги да создаваат, малку и да се натпреваруваат, и помогнете им со испраќањето на креацијата. При испраќање на цртежот, задолжително наведете име/презиме и возраст на младиот автор/авторка 

Драги деца, помислете на идејата за Новогодишна честитка, подгответе ги боичките, и, на работа
Крајниот рок на повикот е 30 ноември! И да, споделете го и со вашите пријатели! 
Забавувајте се! ☺“

*Ѕирнете ги честитките кои „Лице в лице“ ги имаше изминатата година, можат да ви послужат како инспирација: https://bit.ly/3pBEimT