Влечејќи ја мајка си низ лисјата

„Целата планета беше заразена. Од Индија до Соединетите Американски држави, ни Австралија не беше поштедена. Беше јасно дека болеста настапила долго пред првите регистрирани случаи во Белгија. Имаше некакви свирепа генијалност, според многумина oд човечка природа, во начинот на кој вирусот се ширеше и во неговата долга латентност, која го беше претворила во биолошка бомба. Поради брзината со која мутираше беше невозножно да се развие вакцина. Дури и научниците што го истражуваа, и покрај строгите заштитни постапки, не успеваа да го преживеат (…)Имаше такви што умираа полни со верба дека ќе стигне вакцината и такви, попретпазливи, кои се затвораа запечатуваји ги домовите со самолеплива лента, но не успеваа да ѝ побегнат на болеста. Децата, единствените што беа здрави, одеа низ градчето во потрага по храна и вода за родителите, бабите и дедовците.
(…)
На телевизијата престанаа да се емитуваат вести и се емитуваа само стари филмови. Телефонските мрежи една по една престанаа да работат. Кога прекина и струјата птицата на Апокалипсата ги рашири мрачните и ледени крилја…“.

Ова беше последното нешто на кое сакав да наидам оној прв карантински викенд во март.
Решив дека сакам да читам за да се исклучам и да не мислам на тоа дека сме во карантин дека има пандемија и …

Не ми требаше „висока естетска и книжевна вредност“, никакво „соочување“. Најмалку постапокалиптично сценарио.

Ми требаше среќен крај.
Терапевтскиот ефект на „Среќни до крајот на животот“ да ме држи до понеделник во 5 сабајле.

Книга на Николо Аманити, секако, никогаш не е тоа.

Но е токму онаа линија на светлина и рафиниран хумор во егзистенцијално и емотивно прилично комплексни стиуации. Веројатно ми требаше тагата на „Јас и ти“ или на „Како Бог заповеда“…и храброста кај „Не ми е страв“.

Апсолутно не ми требаше свет разорен од пандемија.

„Ана“ ја купив без да знам ништо за неа. Освен дека Аманити е авторот и дека треба итно да извозам до Антолог пред да затворат и малку да си го олеснам престојниот викенд.

И веројатно мојата неинформираност ме остави отворена да бидам така емотивно погодена од приказната (во одличен превод на Калина Јанева ) за Ана, 14-годишно девојче кое во светот во кој од пандемија починале возрасните останува сама да се грижи за малиот брат со мисија од Сицилија да го пренесе на копното каде што можеби има некаква шанса да се најде лек против болеста која ги напаѓа сите кои ќе влезат во пубертет. При тоа самата е на некаква крајна граница меѓу детството и адолесценцијата. На работ на разболувањето.

Роман за постапокалиптичен свет, кој притоа нежно вплотува елементи од традиционалните бајки, и ненаметливо допира современи политички прашања. Од екологија, преку самохраното родителство, експлотирачкиот неолиберален капитализам, отворените врски, до соборување на култот на „невиноста и добрината на детето“.

Ана е исправена пред предизвикот да не го изгуби разумот и нервите, да не го прекрши ветувањето кое ѝ го дала на покојната мајка дека ќе се грижи за брат ѝ Астор и ќе го однесе на копното, при тоа соочена со врсници кои на работ на неминовна смрт почнуваат да се однесуваат како децата во „Господарот на мувите“ на Голдвинг.

Во атмосфера на линија на хаос успева да задржи топлина, љубов, и трогателна одговорност која како резултат на околностите на смртта на мајката, од сестринска нужно се трансформира во мајчинска; како таква е претешка и го менува 14 годишното девојче. Просто терминот „девојче“ станува несоодветен. Некаде од срединaта на романот „14 –годишна девојка“ станува посоодветно.

Среќавањето на Пјетро и неговата потрага по жолти Адидас хамбург патики (со три црни ленти) за кои верува дека ќе го излечат од болеста почнува да наликува на сценарио од бајка во која пости волшебен предмет по кој се трага. Клучниот волшебен предмет кој го менува текот на дејството.

Појавувањето на Пјетро пак, на страна од клучниот фокус на приказната, отвора теми за пријателство, посветеност, вљубеност, жртва, а односот меѓу двајцата тинејџери, поради околности во кои се заглавени да се грижат за малиот Астор, го крева на друго ниво, се доближуваат до модел на семејство, на родители со дете.

Ликот на Ана е граден на иста линија на женските ликови во дистописките романи за млади. Иако темата е постапокалиптична, елементи од дистопија наоѓаме и во овој роман, (групирањето на очајните деца кои веруваат дека ако запалат огромна кукла и го изедат пепелот ќе се излекуваат, нивната опсесивност и агресија, гестови на линија на сексуално насилство….). Во таков контекст Ана се појавува како еден од современите женски ликои кои ги рушат конвенциите и очекувањата поврзани со полот и родот. Се појавува во традиционално машка улога на осамен херој – спасител, истовремено носејќи ја тежината на мајка (буквално ја заменува мајката за својот мал брат). Таа се бори, поразува чудовишта (ок, станува збор за Чарлс Менсон, неприродно голем пес трениран за борби) спасува и теши. И не губи надеж. Односно и кога ја губи успева повторно да ја ресоздаде.

Истовремено, бесценето е што додека ја носи таквата улога со векови доделувана на мажи- спасители, таквата субверзивност не се коментира експлицитно, што би го расипало романот, би го инфантилизирало и свело на памфлет за родови односи. Што конечно би ја уништило неговата книжевна вредност. Но Аманити, секако, не паѓа во замката на таквата здодевна политичка коректност и читање лекции.

Ана е една од девојките за кои, како што пишува Лора Худ  се „тепани и помодрени, стрелани и горени, малтетирани, манипулирани и искористени. Но прават многу повеќе од голо преживување“. Одоносно не ја прифаќат ситуацијата туку се борат.

Ана не се бори директно да смени некаков систем, туку одржува надеж. Додека бара лек за да го спаси својот брат, а притоа со презир ги избегнува групите деца и нивното очајно, силно мотивирано но во суштина тотално празно суеверие, нејзината борба, сама по себе е револуционерна.

Во светот кој се распаѓа од болест индивидуата ја одбегнува групата додека останатите деца веруваат дека само тоа и такво, агресивно и немоќно, брутално и празно групирање им останало.
Ана спасува мало дете и скротува бесно куче, се вљубува и го губи момчето во кое се вљубила кое во тие сурови околности ѝ станува единствена закрила.

Конечно, повторно ненаметливо и без попување, Аманити го критикува неолибералниот капитализам и бескрупулозниот однос кон природните ресурси, што доведуваат до катастрофа со несогледливи последици. Што секогаш е клучна одлика на постапокалиптичните и дистописки романи. Да претстават хаос кој може да се јави како последица на актуелна политика и начин на живот.
Со тоа што, Аманити и тука е исклучително вешт, па не превртуваме очи пред очигледното реферирање на конкретни современи политики, што секогаш ме иритирало и ме враќало во реалноста, во најпогрешен момент. Тогаш кога сум земала роман и цел ми била да се „исклучам“ а не да читам „документарец“.

Уште една битна референца на романот, после која би требало да престанам со негово раскажување е инструкцијата на мајката за тоа што Ана да прави со нејзиното тело откако ќе почине.

„На креветот беше пружен исушен труп. Подуеноста беше спласнала и кожата се беше вртила на коските, покриена со цркнава мувла (…) на крајот на болеста мама умре и трупот по сто дена ѝ беше станал лесен и можеше да се погребе (…) девојчето го влечеше низ правот и лисјата во шумата. Зад остатоците од една кочина покриени со диви капини се извишуваше зелената крошна на една смоква. Под сводот се наоѓаше малечок спокоен свет. Таму мама ќе биде среќна (…)веќе ги беше подоготвила камењата. Го положи трупот до стеблото. Паднатите плодови формираа костенлив слој земја на кој се гостеа оси и мравки“.

Сликата од Ана која се движи со телото на мајката, која потоа размислува да ги собере коските назад и да го состави скелетот, која за спомен ја зема бутната коска на мајка си кога трага по исчезнатиот Астор совршено реферира на илјадниците ликовни претстави на Танцот со смртта – Danse macabre.

И во текот на целиот роман, Ана постојано танцува со смртта, неколку пaти прифаќајќи ја, но и во константен грч да не ѝ го предаде помалиот брат. Нејзиниот танц со смртта и фокус на спас на Другиот делува похрабро и поранливо од сите тие императори и папи фокусирани главно на сопственото „величие“ на стотиците ликовни варијанти на темата.

Инструкциите за телото, ситните референци на коски, бутната коската која потоа ја зема со себе како спомен и некаков тотем и заминува до куќата се референци на традиционалните бајки, на стапот кој баба Јага и го дава на Василица, на чудните дланки кои работат по наредби на баба Јага, на черепите околу куќата на кокошји нозе. Веројатно прехрабри поврзувања од моја страна. Или вештина на Аманити од нас да ги извади потиснатите слики, но да немаме доволно зборови да ја аргументираме поврзаноста која ја чувствуваме.

Редок сегмент во современата книжевност за млади кој на таков начин го отвора прашањето на смртта на родителот, инстантното, скоро насилно созревање, и сите потресни ритуали поврзани со погребувањето.

Џон Брнсајд во критиката за романот за Гардијан со полно право вели дека станува збор за дело кое поставува нови стандарди во пост-апокалиптичната фикција.

И во овој момент би престанала со академски референци, кои некогаш и дистанцираат од топлината и уникатното искуство на втопување во книжевно дело.
Тоа убаво време им останува на оние кои ќе ја прочитаат „Ана“.

 Преземено од: Libertas.mk